ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/24/19 2:46 PM

Анализа-На 70% текстилни работници не им се плаќа прекувремената работа

На 70% од текстилните работници во градовите од Источна Македонија не им е платена прекувремената работа, вели анализата направена во рамките на проектот ,,Создади мрежа на знаење-препознај и пријави прекршување права“ кој го спроведува Здружението ,,Гласен текстилец“

Анкетниот прашалник го одговориле 870 испитаници од кои 708 жени и 172 мажи. Тие одговарале на вкупно 26  прашања, поврзани со користењето и плаќањето на годишните одмори, исплатите на к-15, колку платите ги задоволуваат нивните потреби, дали имаат подигнато кредити, како ги исплаќаат, за дискриминацијата, притисоците на работа.

Освен анализата којашто е изработена во рамките на проектот ,,Стратешко партнерство за промени на Здружението ,,Отворена порта“, се нудат и решенија коишто се однесуваат на работата којашто треба да ја работат надлежните институции на пример околу прекувремената работа.

,,Фирмите кои ќе најават прекувремена работа да мора да објават листа, на официјалните страници на некои од овие институции. Колку тоа вработени биле ангажирани прекувремено и колку им било платено за прекувремената работа. Исто така УЈП би требало на својот сајт да има сопствен сервис за проверка на платите и платените придонеси и даноци. Тука на тој сервис работниците ќе може да си проверат колкава им е платата, дали му се платени придонесите и при тоа да може да пријават соодветно. Овие институции треба да сфатат дека треба да бидат во корист на граѓаните. Решенија ќе бидат понудени до Собрание, до Влада и сите релевантни институции и се надевам дека некој ќе покаже интерес за овој проблем“, вели Кристина Ампова од ,,Гласен текстилец“

Граѓанскиот сектор има важна улога во заштитата на социјалните права и жртвите од кршењето на тие права, вели Марија Тодоровска, програмски директор на ,,Отворена порта“. Според неа и синдикатот си има своја улога, но од друга перспектива.

,,Со овој проект сметавме дека НВО треба да вложат напор  со дирекни активности на терен, истражувања, фактички анализи за состојбите пред се кои што излегуваат од нивниот директен контакт со крајните корисници со текстилните работнички и работниците од другите сектори, да се согледа и помогне во подобрување на состојбите околу кршењето на социјалните права. И Синдикатот си има своја улога, заштита на работничките права меѓутоа од друга перспектива и мислам дека е клучно да се создаде едно стратешко партнерство на соработка помеѓу граѓанскиот сектор и синдикатите со цел да имаме соодветни трајни, долгорочни промени, развојни политики и практики што ќе значат вистинска заштита на работничките права“, додава Тодоровска.

Резултатите од проектот финансиран од ЕУ денеска беа презентирани на ,,Тркалезната маса за идејни решенија“ што се одржа во Штип.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1