ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/23/19 3:43 PM

Државен риболовен куп натпревар на браната Гратче кај Кочани

Вкупно 376 килограми крап уловија учесниците на државниот риболовен куп натпревар што викендов се одржа на акумулацијата Гратче кај Кочани, чиј организатор и домаќин беше спортско риболовното здружение „Кочански рибар“.
На натпреварот учествуваа 20 екипи од нашата држава и од соседна Србија, а најуспешен беше домашниот тим со вкупен улов со 151,2 килограми риба. Второто место го освои „Јуник тим“ од Скопје со 46 килограми, третопласирана е екипата на „Г-постер“ од Струмица која улови 38,5 килограми крап.
Награда за најголем поединечен улов освои екипата на „Карп хантерс“ од Куманово за крап со тежина од 8,4 килограми.
-Првпат сме организатори на еден ваков голем натпревар откако пред три години ја добивме концесијата за браната Гратче. Тоа е признание за нашите досегашни активности, при што извршивме седум порибувања и рибниот фонд го збогативме за над 2,5 тони риба, главно крупен крап и неколку стотини килограми подмладок. Сметам дека натпреварот помина одлично, особено што беа уловени повеќе од 130 парчиња риба со просечна тежина од три килограми, истакна Димитар Димитров, претседател на спортско риболовното здружение „Кочански рибар“.
Од кочанското риболовно здружение најавија дека за наесен се подготуваат да организираат уште еден државен куп натпревар со фидер техника, на кој очекуваат и учесници од соседните држави. Во меѓувреме, за Петровден – празникот на Кочани, на браната Гратче ќе се одржи риболовен натпревар во поединечна конкуренцијана кој можат да учествуваат сите заинтересирани рибари и рекреативци.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7