– ММС
Вести Македонија ММС-Стории

Тешки денови за железницата во источна Македонија: Старата пруга тешко ќе се трка со новиот автопат

По пругата Велес – Штип – Кочани, единствената во источна Македонија, и сега со малку патници дневно сообраќа само еден патнички воз од Скопје до Кочани и назад, а и товарниот транспорт е сведен речиси на нула, па многумина стравуваат дека неодамнешното отворање на новиот автопат Скопје – Штип и завршувањето на експресниот пат во изградба Штип – Кочани, со што со автомобил, автобус или камион ќе се вози уште побрзо во споредба со воз, може да доведе до дефинитивен крај на железницата на истокот

Пишува: Љупчо Шатевски

Пред две-три седмици конечно беше отворен за сообраќај новиот автопат Скопје – Штип, односно Миладиновци – Свети Николе – Штип, единствената автопатска делница во источна Македонија. Автопатот значително го олеснува патувањето од и кон тој дел на Македонија, ама, во исто време, новиот автопат може дефинитивно да ја „закопа“ старата пруга, односно целосно да го затвори железничкиот сообраќај, а пиштењето на се’ поретките возови по единствената пруга од левата страна на Вардар, која ги поврзува општините Велес, Лозово, Свети Николе, Штип, Карбинци, Чешиново-Облешево и Кочани, да биде само минато. Видувањето воз по пругата Велес – Штип – Кочани, изградена пред речиси еден век, и сега е како празник за очите зашто дневно по оваа пруга поминува само еден патнички воз – од Скопје до Кочани и назад, од Кочани до Скопје, а и товарниот железнички сообраќај е сведен речиси на нула.

Од дочекот на првиот воз на штипската железничка станица во 1924 година

Почнала да се гради во 1923, а била завршена во 1926 година

Во средата бевме на Железничката станица во Штип изградена пред 95 години, во 1924, кога пристигнал и првиот воз, а во 1926 година пругата била завршена и до Кочани. Стигнавме еден час пред очекуваното пристигнување на возот од Скопје во 18.36 часот, се рабира ако го нема вообичаеното доцнење. На Железничката станица, која е во многу лоша состојба, патник ниту еден. Затекнавме само тројца железничари. Љубезно не’ дочекаа, но не сакаа да зборуваат за состојбата и за иднината на пругата на која работат со години, особено сега, по изградбата на автопатот од Скопје до Штип, а и по очекуваното завршување за две години на експресниот пат што се гради од Штип до Кочани, по што од Кочани до Скопје ќе се патува двојно побрзо со автобус отколку со воз, а со автомобил речиси трипати побрзо.

Само билетарот во „МЖ Транспорт“, Ласте Нанев, накратко не’ информираше со возниот ред и со цените на билетите, а и ни’ подели неколку примероци од печатениот возен ред со молба да ги поделиме на заинтересирани потенцијални патници.

– Возот од Скопје тргнува во 16.40 часот, во Велес треба да биде во 17.34, во Штип во 18.36, а во Кочани во 19.26. Таму ноќева и од Кочани кон Скопје тргнува наутро во 5 часот, а во Штип треба да биде во 5.49. Возиме поевтино во споредба со автобусите и со таксистите. Од Штип до Скопје цената е 198 денари, на повратниот билет 316, а до Кочани повратниот билет е 128 денари, а возењето во еден правец чини 80 денари. Има и многу попусти за разни категории граѓани, како и бесплатен превоз секоја среда за средношколци, секој четврток за студенти, секој втор викенд за возрасни мажи со над 64 и жени со над 62 години, како и за млади лица под 27 години – истакнува Нанев.

Не дојде ниту еден патник, не дојде ни возот

Всушност, само за време на бесплатните викенди и возовите на овој правец колку-толку се полнат со патници. Другите денови ретко кој патува. Во средата, кога бевме на Железничката, не дојде ниту еден патник. Додуша, не дојде ни возот. Дваесетина минути пред терминот за пристигнување, железничарите ни’ рекоа да не чекаме џабе. Возот од Скопје кон Кочани не тргнал. Нешто слично се случи и пред десетина дена.

Во чекалницата не дојде ниту еден патник

И покрај тоа што автопатот интензивно се градеше, кога пред три години бевме на штипската желеничка станица железничарите тогаш многу не стравуваа за иднината на единствената пруга на истокот, на која некогаш вкупно работеле осумдестина железничари, околу четирипати повеќе од денес. Тогаш железничарите велеа дека ако автопатот можеби ќе им ги зеде патниците од и кон Скопје, но за нив остануваат алтернативи со нови линии, на пример, само кон Кочани, кон Велес, евентуално до Битола или Гевгелија… Се надеваа на заживување на товарниот транспорт со индустриските зони кај Штип и во соседните општини, со најавуваната изградба на карго-аеродромот во Овче Поле… И тогашниот директор на МЖ „Транспорт“ најави дека ќе почнат да сообраќаат меѓуградски линии Кочани – Штип – Кочани, оти ќе има реконструкција на железниките станици во Кочани и во Штип, а и дека, по пристигнувањето, низ истокот ќе возат и новите возови од Кина.

Возовите малку живнуваат само во бесплатните викенди: Железничката станица во Штип

Сега од тоа нема речиси ништо. Новите кинески возови многу ретко „заталкуваат“ по старата пруга долга повеќе од 70 километри, железничките станици останаа во очајна состојба, аеродромот во Овче Поле дефинитивно нема да се гради, ја нема ни најавената меѓуградска линија Кочани – Штип – Кочани, за чие воведување интерес покажаа и четирите општини со околу 100.000 жители низ кои требаше да минува зашто на таа релација секојдевно патуваат повеќе од 1.000 студенти и вработени. Ретките патници, а и оние што се откажале од железничкиот превоз велат дека тој не е атрактивен поради бавната пруга, по која возовите се движат само со педесетина километри на час, честото возење без греење зиме и климатизација лете, а во Штип и што нема градски автобуски превоз до и од железничката станица која е на периферијата на градот, а таксито била скапа опција.

Новите возови (десно) ретко возат на истокот

Некогаш се чекаше ред за билет

Возовите по единствената пруга на македонскиот исток дишат на шкрги веќе дваесетина години. Во мај 2004 година Управниот одбор на „Македонски железници“ ги укина патничките возови на оваа линија. Железничарите беа револтирани.

„Возовите овде не биле укинати ни во српско ни во бугарско, а за жал тоа се случи во самостојна Македонија. И тоа во време кога во Европа, во која толку многу се колнеме, железницата се осовременува и масовно се користи“, разочарано тогаш ни’ зборуваа вработените на кочанската железничка станица.

Кочанската железничка станица (горе) и фрагменти од нејзината изградба и свечено отворање со пристигнувањето на првиот воз во 1926 година (долу)

Револтирани беа и штипските железничари.

„Некогаш дневно до Скопје и назад сообраќаа по три пара возови, кои беа полни, а за билет се чекаше во ред. Само од Штип дневно на пат со воз тргнуваа по 600 патници. Потоа композициите почнаа да се проретчуваат. Им определуваа и нелогични термини за возење. Од Скопје кон Штип и Кочани, на пример, во два часот по полноќ, од Кочани кон Скопје во четири наутро. Во последните две-три години возовите сообраќаа само во петоците и во неделите. Така, навиката да се патува со воз овде речиси е искоренета“, ни’ рече тогаш тогашниот шеф на штипската железничка станица.

По три години, во есента 2007 година, патничките возови пак почнаа да сообраќаат по пругата. Првин неколку месеци само во петоците и во неделите, потоа со два, па со еден пар возови дневно. Но, старата пруга по која возовите одат бавно, железнички станици што се во очајна состојба и особено сега, со отворениот нов автопат и експресниот пат во изградба од Штип до Кочани, може да доведат до целосно згаснување на железницата низ источна Македонија. Песимистите стравуваат дека тоа, ако надлежните не преземат мерки, може да се случи многу брзо. И пред пругата да одбележи еден век постоење. И тоа во време кога возовите во Европа, Јапонија, Кина стануваат брзи како авионите, возат и со 400 километри на час, а во Кина наскоро се најавува и воз што ќе развива 600 километри на час.

ОСТАНА СЛЕП КОЛОСЕК И ПО РЕЧИСИ ЕДЕН ВЕК

Десет години по целосното завршување на изградбата на пругата Велес – Штип – Кочани, во 1936 година дошла наредба да се изгради пруга и од Штип до Струмица. Во 1937 година била обележана и трасата. Таа се протегала од Желеничката станица во Штип, по текот на Брегалница до вливот во неа на реката Крива Лакавица, потоа до Радовиш и покрај текот на Стара Река до Струмица. Почнале да пристигнуваат и шините. Но, градба не почнала. Дел од тие шини и денес може да се видат вградени во оградата на штипската железничка станица.

Железничари и работници на одржување на пругата помеѓу двете светски војни

Во Втората светска војна почнала да се пробива трасата за продолжување на пругата од Кочани преку Делчево до Благоевград. Се пробивале и тунели, но работите сопреле. И пред две децении оваа пруга беше во комбинација за железничко поврзување со Бугарија, но се избра другата варијанта, преку Крива Паланка.

Лограње

X

Регистрација