– ММС
Вести Македонија

Доекипирање и подобри материјални условиза поголема ефикаснот на Обвинителството во меѓународна борба против криминалот

Фото: МИА

Со меѓународна борба до подобро справување со организираниот криминал – едногласни се македонските и италијанските надлежни институции. Во нашиот главен град тие денеска споделуваа идеи за борбата против криминалот кој се’ почесто се јавува во форма на нелегална трговија со психотропни супстанци, но и трговија со луѓе. 

Републичкото јавно обвинителство е исправено пред предизвикот да се доекипира, за да може соодветно да одговори на потребата од меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал. Републичкиот обвинител Љубомир Јовески вели дека треба да се создадат и материјални услови, за да може Обвинителството да ја извршува својата улога согласно законите, но и Уставот:

„Борбата против криминалот бара систем кој функционира во пракса. Обвинителите треба да ги надминат институционлните препреки и одблиску да соработуваат. Тоа значи дека институциите ќе ги добијат потребните ресурси за изградба на своите капацитети за да ја исполнат својата  улога. Нашите органи нема да може да пружат меѓународна соработка ако не ги развијат внатрешните механизми на размена на информации на национално ниво“.

Пораката дека борбата против организираниот криминал не е индивидуална, бидејќи тој не познава граници, освен македонското обвинителство, денеска ја испратија и италијанските власти. Скопје беше домаќин на конференцијата насловена „Заедничка соработка и правна помош во борбата против транснационалниот организиран криминал“, од каде познавачите порачаа– криминалните организации може да ги разнебити само меѓународната кохезија.

Генералниот директор за јавна безбедност во Италија, Франко Габриели потенцира дека за неговата земја, соработката со Балканот е од стратешко значење, зашто и тој е согласен дека борбата против криминалот е заедничка.

„Во рамките на борбата против организираниот криминал се истакнува како доста зачестена форма нелегалната трговија со психотропни супстанци и трговијата со луѓе. Овие кривични дела се многу присутни во Северна Македонија. Исто така, бегалскиот феномен и бегалските рути низ балканскиот регион ги зајакна овие форми на криминал. Во таа смисла, балканскиот регион е значаен сектор на борби кои може да ги надминат границите и успешно да се борат против тероризмот. Балканскиот регион е главен за производство и шверц со марихуана и тука има многу познати криминални групи од Источна Европа. Ефикасната борба против овие феномени бара солидарна безбедност, каде ќе се споделуваат информации“.

Со цел да се засили меѓународната правна соработка со нашата, но и со останатите балкански земји, Италија изработува модел на база на податоци, што ќе ја олесни комуникација и координацијата меѓу надлежните институции – информира националниот јавен обвинител за гонење на мафија и на тероризам Федерико Кафиеро Де Рахо.

„Кон крајот на јули ќе го имаме дефинирано тој модел и се надеваме дека во септември ќе може вашата земја ид ругите земји да ги поканиме да пристапат кон таа програма“, додаде  Де Рахо, откако со неговиот македонски колега, Јовески потпишаа меморандум за соработка.

Во Италија веќе постои база во која се слеваат информациите и податоците на институциите. Оваа база се наоѓа во Дирекцијата за борба против мафија и тероризам и таму има податоци од 1992 година, до денешен ден. Овие податоци, како што тврдат надлежните, се многу значајни за истражните кривични постапки.

 

Вања Мицевска

Лограње

X

Регистрација