– ММС
Вести Македонија

Во Неготино се реновираат две куќи на лица со попреченост

Две куќи во кои престојуваат 20 лица со ментален хендикеп од центарот „Порака“ од Неготино од денеска ќе се реновираат. Проектот е вреден над 50 илјади евра од кои 37.500 се донација од „Сеинт гобеин“, а 14 илјади евра од „Хабитат Македонија“.  Ќе се поставува енергетски ефикасна фасада, а ќе се реновира и внатрешноста во куќите.

Со оваа донација и реконструкција директно се поддржуваат напорите на „Порака“ – Неготино да овозможи пристојни животни услови за лицата со ментален хендикеп надвор од институциите, овозможувајќи им полесна интеграција во заедницата, како и можности за само одржливост и продуктивност на овие лица.

„Хабитат Македонија, како единствена граѓанска организација која ја опфаќа областа на суп-стандардното домување, во изминативе години е носител на повеќе иницијативи и иновативни решенија за подобрување на енергетската ефикасност и квалитетот на домување во локалната заедница, особено на најранливите групи на граѓани. Проектите се спроведуваат со донатори, општествено одговорни компании од корпоративниот сектор“ , изјави Лилјана Алчева, заменик директорка за програма на Хабитат Македонија.

Подобрувањето на енергетската ефикасност на куќите ќе овозможи и пониски трошоци за електрична енергија на оваа заедница.  Овој проект предвидува и обезбедување на печатач за текстил и керамика со цел да се поддржи работната терапија и економските активности на 43 корисници, за да можат да продуцираат сопствени средства за поддршка на интегрираното живеење. Во реализацијата на проектот предвидено е и интеграција на младите, односно вклучување на студенти од Универзитетот Св.Кирил и Методиј – Скопје.

„Оваа поддршка е од исклучително значење на нашата организација Порака – Неготино, а пред сѐ за нашите корисници – лицата со посебни потреби, кои веќе неколку години ги деинституционализираме преку нивно сместување во станбени заедници. Подобрувањето на условите за живот преку реконструкција и подобра енергетска ефикасност на објектите, секако е од исклучително значење за станарите во овие објекти, а донацијата на печатачот ќе помогне во нивната понатамошна инклузија во заедницата“ , вели претседателката на „Порака“, Гордана Трајковска.

Проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака – Неготино“ се планира да заврши во период од една година.

 

Ангел Данов

Лограње

X

Регистрација