– ММС
Вести Македонија

Ново рочиште за „Титаник” на СЈО

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот за изборни нерегуларности „Титаник” на Специјалното јавно обвинителство.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат материјални докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални докази, како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи и докази за злоупотреба на средства за финансирање на политичка кампања од 2013 година.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник” обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

МИА

Лограње

X

Регистрација