– ММС
Вести Култура

Отворен 54. МТФ „Војдан Чернодрински”

Со доделување на наградите за животно дело и со првата претстава во конкуренцијата, „Макбет” на МНТ од Скопје, синоќа во Центарот за култура „Марко Цепенков” беше отворен 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински” кој годинава се одржува под мотото „Ова е наше време, време е за театар”.

За заменик-министерот, за култура, Владимир Лазовски Прилеп по 54-ти пат е нашата најголема театарска арена.

„Овде, во Прилеп, врвните македонски уметници ги испраќаат своите пораки кои со илјадници години покажуваат дека се едни од најсилните корективи на актуелните општествени случувања. Во, само за Прилеп, автентичната фестивалска атмосфера, професионалните продукции ги претставуваат своите најнови претстави. Се натпреваруваат пред стручното жири и критиката, но и пред публиката, најврвното жири кое со истанчан вкус, но и со најискрена љубов е спрема театарџиите. На сите колеги уметници им посакувам креативен натпревар кој ќе донесе нов триумф на театарската уметност во земјава“.

Лауреатите, добитници на наградата за животно дело, режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку порачаа дека наградите, многу драги, не ја прекинуваат театарската уметност.

„Наградите се секогаш пријатно изненадување, доколку не ги сфатиме како нешто што треба да нѐ промени. Ниедна награда во животот не ме променила. Едно знам: дури и да не беше наградата, јас ќе продолжам да правам претстави, зашто тоа е посилно од сѐ. Наградата е убава работа, ама не значи точка, туку е две точки и потоа следува уште нешто. театарот е живот и не завршува со наградите“, рече Милчин.

„Секоја награда си има своја тежина. Кога говориме за оваа награда, награда за животно дело, има една посебна тежина, зашто доаѓа од колегите, од театарските луѓе и од Фестивал кој има долг век на траење. Оваа награда ми е драга од речиси другите кои сум ги добивал“, изјави актерот Мјаку.

Музичкиот виртуоз Влатко Стефановски кој пред претставата „Макбет” приреди воодушевувачки концерт со театарска и филмска музика смета дека театарот и музиката се тесно пшоврзани уметности и секогаш е задоволство да се создава музика за театар и за душа.

Прилепската публика која има „стаж од 54 години за следење театарски претстави, годинава првпат ќе има можност да гласа и да додели награда за најдобра, според нејзина оцена, претстава. Првите разговори на критиката, пак, за претставата „Макбет” од Вилијам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ се одржуваат денеска од 11 часот. Вечер на програмата на Фестивалот од 19.30 часот е втората претстава „Бакхи-краток преглед на распадот” според Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица, во изведба на Народниот театар Битола.

Лограње

X

Регистрација