ММС

Објавено на: 06/7/19 12:30 PM

Растот на БДП во првиот квартал 4,1 отсто, Заев очекува и раст на пензиите

Растот на Бруто домашниот производ во првиот квартал годинава е 4,1 отсто – објави денеска ДЗС. Податоците на Државниот завод за статистика за првото тримесечје годинава, покажуваат дека најголем пораст е забележан во земјоделството, шумарство и рибарство од 13,6 отсто, градежништво од седум отсто, додека во трговијата на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6,6 отсто.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголемил за 14,9 отсто, покажуват податоците, а увозот на стоки и на услуги забележува зголемување во номинален износ од 12,6 отсто.

Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев растот на БДП се темели на како што смета тој, реалните состојби во економската сфера.

Премиерот Заев пак, говорејќи на оваа тема, прогнозира раст на пензиите.

„Кога економијата расте над четири отсто и го достигнува потенцијалот тогаш и пензиите растат и тоа е фер. Ќе има динамично растење на пензиите и ако продолжиме со овој тренд тоа значи дека покрај редовното усогласување со трошоците на живот ќе имаме димензионирано сериозно растење на пензиите затоа што вкупната вработливост лани, односно од првиот квартал 2018 до 2019 година се вработени нови 40 илјади луѓе. Фондот за пензиско во приходите расте со 8 отсто, а тоа значи покачување на  пензиите“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во континуитет ја обвинува владата предводена од СДСМ за лоши економски политики. Во едно од последните видео обраќања, лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски реагираше дека во економијата се нижат негативни резултати, а со тоа опаѓа и стандардот на граѓаните.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1