– ММС
Вести Култура Македонија

Во Велес започнаа 56-те Рацинови средби

Со поетски митинг со учество на поети од земјава, како и гости од Србија, Словенија, Бугарија и Турција синоќа во театарот во Велес свечено беа отворени 56-те Рацинови средби посветени на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин.

Традиционалната Беседа за Рацин ја одржа проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска. Таа истакна дека неговата позната стихозбирка „Бели мугри“ печатена на македонски јазик со велешки дијалект пред точно 80 години, во 1939 во Самобор во Хрватска е извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ.

-Стихозбирката „Бели мугри“ е врвен дострел на Рациновото творештво, дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување, дело кое ги потврдува можностите за најсуптилно изразување на јазикот кој тогаш бил одрекуван и забрануван. Со „Бели мугри“ и се отвора патот на современата македонска литература, а Кочо Рацин станува еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Стихозбирката составена од 12 песни-бисери ја гради својата слика низ социјални и револуционерни теми, појасни Мојсова Чепишевска.

Претходно беа положени букети цвеќе во Спомен костурницата каде почива Рацин и на двата негови споменика, во центарот на Велес и пред Гимназијата, која го носи неговото име.

Пред споменикот на Кочо Рацин во паркот кај гимназијата во своето обраќање до присутните  проф. д-р Соња Стојменска Елзесер, претседател на ДПМ побара од велешани да не падне сенка врз името и делото на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин.

-Да го негуваме и чуваме споменот за Рацин не само во годините што минале, туку да го пренесеме и засилиме за идните поколенија, порача Стојменска Елзесер.

Во рамките на програмата беше промовирана и книгата „Бели мугри на словенски јазици“, што ја подготви Раде Силјан, а ја промовира проф д-р Кристина Николовска, а беше отворена и  изложба  „Споменот на Рацин низ времето“ – историска изложба за Рациновите средби.

Се одржа и велосипедска трка насловена „Возиме за Рацин“, а вечерта беше  заокружена со концерт на етно групата „Монистра“.

Програмата на 56-те Рацинови средби во Велес денеска продолжи со Меѓународната научна конференција на тема „Светлината за зборот“ – јазични и книжевни аспекти во поезијата на Кочо Рацин и Матеја Матевски.

Вечер во 19 часот е традиционалната посета на Спомен куќата на Рацин каде ќе биде промовирана збирка на поезија од млади поети „Под едно небо“ во издание на Агенцијата за млади и спорт, а  ќе ја промовира проф. д-р Христо Петрески.

Свеченото затворање на Рациновите средби е најавено во 20 часот кога ќе бидат претставени портретите и ќе бидат врачени наградите Рациново признание за 2019 на проф. д-р Венко Андоновски и Почесното Рациново признание на проф. д-р Милан Јазбец писател, професор на Универзитетот во Љубљана и актуелен Амбасадор на Словенија во земјава.

Лограње

X

Регистрација