– ММС
Вести Македонија

Поскапеа или поевтинија патарините?

Патарините на досегашните пунктови не поскапуваат, ама на новиот пункт, што деновиве ќе биде пуштен во употреба на патот Демир Капија – Смоквица, ќе се наплаќа по 100 денари за автомобил. Тоа ќе биде најскапата патарина во државата. Странците ќе плаќаат по две евра. На оваа нова патарина високи се и цените за другите категории на возила. 160 денари ќе се наплаќа за возилата од втора категорија за комбиња и автомобили со приколка, 290 денари за возилата од трета категорија – за автобусите и полесните камиони, и 430 денари за возилата од четврта категорија, каде влегуваат шлеперите и шлеперите со приколка.

Догодина, кога ќе биде пуштена втората патарина, ќе се наплаќа по 80 денари за автомобили.

Со одлука на Владата, прифатени се измени, со кои поевтинуваат патарините за странци. Надоместокот е намален за половина евро на две наплатни рампи кај Романовце и кај Стоби и патарината ќе чини по 1 евро.  На новиот автопат Штип – Миладиновци, ќе се постават два нови пункта за наплата – кај Кадрифаково и кај Свети Николе, што заедно со таа кај Миладиновци, на одење и враќање ќе се наплаќаат по три патарини. И додека граѓаните се жалат на високите давачки, директорот на ЈП „Државни патишта“, Зоран Китанов, вели дека овие нови пунктови биле најавени со проектот прифатен уште во 2014 година. Тврди дека возиме со најевтини патарини во регионот.

– Мислам дека ако проверите податоците од нашето опкружување, ќе видите дека ние и Србија, тие од вчера ги покачија цените, а ние ги намаливме,  имаме најниски цени по километар, изјави Китанов.

Наспроти тврдењето на Китанов, според пресметките на агенцијата „Мета“ со најновата одлука на владата нема намалување на надоместокот за извозено растојание. И понатаму патарината ќе изнесува 2,5784 денари по изминат километар по автомобил, која всушност првично беше зголемена со одлуката на претходната влада во 2014 година. Единствено намалување има за мотоциклистите, кои се воведени како посебна категорија на возила, кои ќе плаќаат од 10 до 40 денари поевтина патарина од автомобилите.

Лограње

X

Регистрација