ММС

Објавено на: 06/1/19 7:06 AM

Анагностопулу: Амбасадите во Скопје и Атина суштински чекор за продлабочување на соработката

Надградбата на нивото на дипломатските односи меѓу Грција и Северна Македонија претставува запечатување на нашите напори за иднина на напредок и солидарност на Балканот, вели алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу за грчката новинска агенција АНА-МПА, по разменетите ноти меѓу двете Министерства за подигнувањето на нивото на дипломатските претставништва во двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

– Станува збор за суштински чекор што ќе придонесе за продлабочување и дополнителна имплементација на соработката во сите области, одредени во Акцискиот план (Action Plan) за продлабочување и зајакнување на соработката меѓу нашите земји. Патот за соработки во клима на добрососедски односи и со водечки критериум -просперитетот, развојот и мирот во регионот се отвори со Договорот од Преспа и со овие чекори, во пракса се покажува историскиот карактер, вели антернативната шефица на грчката дипломатија за АНА-МПА.

Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, вчера разменија ноти, со кои, согласно членот 10 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, се подига нивото на Канцеларијата за врски во Атина на ниво на Амбасада на Република Северна Македонија, Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Солун на ниво на Генерален конзулат, а истовремено, Канцеларијата за врски во Скопје се подига на ниво на Амбасада на Хеленската Република, Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1