ММС

Објавено на: 05/28/19 11:28 AM

Викендов на Пониква трето издание на велосипедско-планинарскиот фестивал „Осогово Адвенчр“

Друштвото за спорт и рекреација „Прв до врв“, во соработка со велосипедската група „МТБ Исток“ од Кочани и спортски ентузијасти од Осоговието, на 1 и 2 јуни го организираат третото издание на планинската авантуристичка велосипедска тура на Осоговските Планини.

За разлика од минатите години, манифестацијата ќе биде содржински проширена во дводневен планински фестивал „Осогово Адвенчр“ на кој можат да  учествуваат сите заинтересирани велосипедисти рекреативци од државата.

– Овој велосипедско-планинарски фестивал е составен од тури за планинари и планински велосипедисти со старт и база на Пониква, на Осоговските Планини. За учесниците во секоја од категориите се предвидени лесна и потешка тура, согласно физичката подготвеност на поединците. Покрај турите, учесниците имаат можност да кампуваат, да бидат дел од забавната музичко-фолклорна програма и да ги пробаат локалните рецепти за подготвување на храната, истакна Панче Зафиров, претседател на „МТБ Исток“ од Кочани.

Според Зафиров, планинските тури се наменети за растечката заедница рекреативци кои спортуваат со планински велосипеди, со цел да им се доближат природните убавини на Осоговието и потенцијалите за планински спортови во овој крај.

Настанот, исто така има и дополнителна цел да ги разбуди туристичките потенцијали на овој крај, кој би можел во поголемиот дел од годината да биде домаќин на љубителите на активниот одмор и туризам.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.