– ММС
Вести Македонија

Едно општество за сите – постулат за градење на сите политики

Владата на Северна Македонија уште од самиот почеток е втемелена на постулатот едно општество за сите и на тој постулат се градат сите политики во изминатиот период. Ова е истакнато денеска на првата од серијата јавни дискусии на Владата за нацрт-текстот на „Националната стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија”.

Премиерот Зоран Заев рече дека по неполни шест месеци работа на Нацрт стратегијата за едно општество за сите, интеркултурализам, денеска таа влегува во финална фаза, во која ќе се отворат неколку вида дебати за да може да биде и конечно утврдена.
– Тоа е документ толку важен за нашата мултиетничка земја која што треба да биде навистина урнек и пример за многу земји коишто мултикултурализмот, интекултурализмот се нивна одлика, истакна Заев.
Изрази уверување дека како успешен модел тоа ќе можеме трајно да го вградиме во системот на нашето заедничко живеење.
– Живееме во 21 век, еве на крајот на втората деценија од овој век, верувам ваквите работи се повеќе и повеке ќе значат надминување на поделбите, на конфликтите, на омразата, на сето она што беше типично за едно минато време, за да можеме така здружени заедно да се посветиме на вредности што се важни за сите граѓани, а тоа е квалитетен економски живот за сите, рамноправни институиции, еднакво граѓанско општество во кое буквално сите ќе се осеќаме свои на своето во една наша заедничка земја каде што меѓусебно си помагаме и каде што меѓусебно заедно преку помагање работиме за унапредување на сите во Република Северна Македонија, посочи Заев.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека Нацрт-стратегијата е доказ за градење заедништво, солидарност, сплотеност во нашето општество, како единствен вистински правец на развојот на нашата заедница во која сите наши граѓани ќе се чувствуваат свои на своето, обединети и сигурни.

– Документот ги содржи насоките за градење општество што целосно ќе го стесни просторот на националниот шовинизам и лажните вредности и поделби што тој ги промовира. Свесни сме дека нашата држава не е се уште имуна на овие поделби и нетрпеливости. За жал тука се уште постојат одредени политики што му припаѓаат на минатото, политики што се уште промовираат лажни поделби, кои долгорочно може да имаат сериозни последици врз нашето општество, политики, целосно спротивни на духот и вредностите што ние како Влада ги промовираме, рече Дескоска.

Според неа, тие идеи на ксенофобија, етноцентризам кои воедно поттикнуваат различни облици на дискриминација и конфликт, се идеи кои не се закана само за овие простори, туку ги гледаме се повеќе и на европската политичка сцена.

– Оваа стратегија, спротивно на нив, дава насоки за градење иднина на нашата мултуикултурна заедница, преку идејата на интеркултурализам што во различностите не гледа опасност, туку богатство. Отворањето преговори со ЕУ ќе значи отворање на Поглавјето правосудство и основни човекови права, во чиј составен дел се и прашањата на почитување на културната, верската и јазичната разноликост, како и мерките против расизам, ксенофобија, дискриминација, посочи Дескоска.

Стратегијата, оцени министерката, ќе даде дополнителен прилог побрзо да го поминеме овој дел на преговорите, што треба да резултира со усогласување на законодавната и институционалната рамка на основните човекови права, што треба да ги содржи гаранциите за еднаквост, забрана за дискриминација, почитување на културната, верската и јазичната разноликост…

Дескоска рече дека во тој дел нашата законска рамка во многу аспекти е усогласена со правото на ЕУ, во некои дури и е над европската, но некаде треба и подобрувања.

Алберт Муслиу, извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи, истакна дека визијата на овој документ е признавање на сите различности, гарантирање и обезбедување, еднаквост, еднакви можности, вклученост на граѓаните во одлучувањето и постигнувањето општествена кохезија.

– Ние веќе имаме препознаена мултиетничност, како во општеството, така и во уставно-правниот поредок, но таа треба дополнително да се развие, да се унапреди, за да постигнеме интеркултурна комуникација, и интеркултурно општество, што ќе обезбеди реална и продуктивна кохезија за сите, истакна Муслиу.

На дискусијата пред претставници на граѓанскиот сектор, дипломатскиот кор, претставници од државните институции и граѓански активисти, беше презентиран и нацрт-текстот на стратегијата.

Лограње

X

Регистрација