– ММС
Вести Кошарка Македонија Спорт

Кривопаланечките основни државни прваци во кошарка во ФУССМ

Екипата од основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“, Крива Паланка е државен првак во кошарка по завршувањето на спортската училишна лига што беше заокружена на денешното Државно првенство во кошарка за основни училишта, девојки.

Домаќин на државното првенство е Општинскиот сојуз на училишен спорт Крива Паланка, а натпреварите се одиграа во спортската сала „Бранители 2001“.

На натпреварот, како што информира претседателката на Сојузот Биљана Цековска, учествуваа женски тимови од основните училишта „Ванчо Прке“, Делчево, „Лазо Ангеловски“ и „Дане Крапчев“, Скопје, „Тоде Хаџи-Тефов“, Кавадарци, „Ѓорги Сугарев“, Битола и „Јоаким Крчовски“, Крива Паланка кои одиграа лига- систем што финишира денеска, со турнирот во Крива Паланка.

Првопласирана екипа на првенството е тимот на ООУ „Јоаким Крчовски“, второто место го освоија кошаркарките од ООУ „Ванчо Прке“, Делчево, а третото место им припадна на Битолчанки од ООУ „Ѓорги Сугарев“.

Наставникот по физичко и здравствено образование и тренер на екипата- победник , Мирослав Ивановски, истакна дека ова претставува голем успех, најголем во историјата на училишен спорт на ниво на општина Крива Паланка.

– Овој успех не е случајност затоа што овие девојки имаат изработено многу тренинзи, многу натпревари, зад нас е многу труд и заслужуваат да бидат овде, каде што се, на највисокиот пиедестал. Сите девојчиња воедно се дел од Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“, каде секој ден напорно тренираат и во текот на сезоните се натпреваруваат во лигите на МКФ, изјави тренерот Ивановски.

Организацијата на државното првенство во кошарка за основни училишта, женски, ја помогнаа наставниците по физичко и здравствено образование од ООУ „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“, како и кошаркарски клуб „Крива Паланка“.

МИА

Лограње

X

Регистрација