– ММС
Вести Свет

Белгија: Медицинската академија се изјасни против веганизмот за деца

Кралската академија за медицина на Белгија денеска објави мислење за веганската исхрана кај децата и возрасните и смета дека таа мора да биде целосно исклучена кога станува збор за деца.

Моментно околу три отсто од белгиските деца се на вегански режим, проценува академијата.

-Овој рестриктивен режим бара постојано следење за децата за да се избегнат проблеми во растот и недостатоци кои се неповратни. За децата кои треба да се родат, адолесцентите, бремените жени и жените што дојат овој режим не одговара, количините на протеини со висока биолошка вредност, витаминот Б12, Д, калциумот, железото, цинкот, јодот се посебно во прашање, стои во ставот на кралската академија за медицина на Белгија.

За белгиските доктори е „забрането“ дете да подлежи на ваков режим на исхрана.

-Овој концепт на исхрана личи на еден вид третман кој е неетички да им се наметнува на деца, смета академијата.

Извештајот му е предаден на главниот одговорен за правата на децата во Белгија, Бернард Де Вос, кој побара анализа од академијата откако е констатиран алармантен број на смртни случаи и болести во болниците, градинките и училиштата. Де Вос размислува за можноста од одземање на децата од родители кои наметнуваат веганска исхрана.

Во Европа досега имало неколку случаи на смрт на мали деца поради веганска диета. Во Белгија во 2014 година, седуммесечно бебе почина од лоша исхрана дехидрација. Според докторите, вината паѓа на родителите кои одлучиле да го хранат исклучиво со растително млеко. Родителите беа осудени на шест месеци условна затворска казна за негрижа.

Истата година во Франција, петмесечно бебе им беше одземено на родители откако социјалните работници констатирале дека тежело само четири килограми наместо седум за таа возраст. Мајката која била веган ја применувала истата диета и за детето, осудена е на четири месеци условна затворска казна.

Во САД, пак, приведени се родителите на петмесечно бебе кое го хранеле исклучиво со пире од компир. А во Канада, бебе од година и половина на брачен пар вегански активисти починало во болница со гангрена на прстите од нозете, длабока хипотермија и бактериска инфекција.

МИА

Лограње

X

Регистрација