– ММС
Вести Македонија

Преголема концентрација на железо во грозје, зелка и пиперка од Кавадаречко

Петнаесет пати над максимално дозволената концентрација на железо била регистрирана во грозје во Кавадаречко. Над 20 пати над максимално дозволеното овој метал бил присутен и кај зелка, а концентрацијата му била сериозна и кај примерок од пиперка. Се покажало дека зелката екстрахира и никел, кој, пак, бил присутен со мала вредност во пиперката, а го немало кај грозјето. Испитувана била и пченка. Таму железото било под максимално дозволеното, а никелот не бил пронајден. Мостри биле земени од две локации, во градот Кавадарци и во близина на фабриката загадувач од тешката индустрија, во атарот на селото Возарци. Загаденоста се покажала кај границата на селата Возарци и Шивец, во градот не.

Ова беше соопштено на едукацијата на фармери и презентација на резултати од анализа на почва во Кавадарци, на која присуствуваше МИА. Настанот беше дел од проектот „Да ја заштитиме почвата од загадување”, спроведуван од Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес и поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско учество. Партнерска организација е кавадаречкото друштво „Екоживот”.

– Според резултатите добиени во лиценцирана лабораторија може да се констатира дека редовно има нови загадувања. Загаденоста со железо и никел на почвата е за 1,5 пати над дозволеното, мора да се интервенира, нагласи Кире Кочов, раководител на проектот и претставник на велешкото друштво, презентирајќи ги резултатите од истражувањето на почва во Општина Кавадарци.

Во проектот се вклучени повеќе градови. Тој нагласи дека процесот на деконтаминација на почвата го започнале пред повеќе од десетина години. Сега сакаат да ги вклучат и другите општини што претставуваат еколошки жешки точки. Сакаат последиците од загадувањето на тешката индустрија да ги отстранат и да ја прочистат почвата.

Со ова испитување, еколошкото друштво „Вила Зора“ – Велес се стреми кон утврдување тешки метали во почвата во Велес, Скопје, Тетово и во Кавадарци, но и препорачува како да се исчисти почвата од нив, односно како да се деконтаминира со помош на растенија (хиперакумулатори), кои имаат способност да ги aпсорбираат тешките метали од почвата. Ова друштво ќе реализира акции во Велес, Скопје, Тетово и во Кавадарци за чистење на почвата преку набавка на семенски материјал и одбирање соодветно растение за деконтаминација.

Овој проект трае три години. Ќе се види присуството и на други тешки метали и ќе се бара начин за справување таму каде што тоа присуство е зголемено.

На таа почва каде што се земани проби се планира да се направат опитно четири парцели на површина од половина декар. Ќе се проба со четири култури, хиперапсорбери, за да се види која е најдобра за деконтаминација. Тие опити ќе траат две години.

Седумдесет и два отсто од анкетираните сметаат дека почвата е загадена

Роберто Паризов, претседател на еколошкото друштво „Еко живот” од Кавадарци, дипломиран професор по биологија, рече дека тие континуирано работат на справување со загадувањата. Сè во интерес на населението и природата. Најави дека во иднина ќе се зафатат и со анализа на неконтролираната апликација на пестициди, но ќе работат и на обезбедување финансиски средства за дополнителни анализи на повеќе слоеви на почва, на повеќе и различни локации во кавадаречката општина.

Тој се осврна на добиените резултати од спроведената анкета кај локалното население, за тоа колку се запознати со загадувањето и фиторемедијацијата на почвите. Истражувањето го направиле членови на еколошкото друштво „Екоживот”, во февруари биле анкетирани сто луѓе. Меѓу анкетираните, процентуално биле застапени и мажи и жени од различни возрасти и националности, консументи и фармери.

Седумдесет и два процента од анкетираните одговориле дека сметаат дека почвата во кавадаречкиот регион е загадена, а нешто помалку, 64 отсто, дека земјоделските производи од регионот се загадени. Дваесет и девет проценти не сакале да консумираат зеленчук или овошје произведени во Кавадаречко. Педесет и четири проценти од анкетираните одговориле дека слушнале за процесот на фиторемедијација или чистење на почвата од тешки метали, а 72 отсто сметале дека е потребно да се изврши овој процес на деконтаминација на кавадаречката почва.

– Наша предност е повеќегодишното искуство во деконтаминација на почвата. Имаме резултати и компарација за капацитетот за апсорпција на растенијата, искусни кадри за работа. Има и можности. Градење заедничка стратегија со надлежните министерства, проширување на активностите во останатите индустриски региони во државата и промоција на општествена одговорност од страна на фирмите и инсититуциите. Но има и закани. Немање поддршка од институции, голем проблем со иселени луѓе и доста земјоделски површини што се оставени сами на себе, мал дел заинтересирани земјоделци за деконтаминација. Сите тие луѓе зависат од почвата од која живеат и за да бидат заинтересирани, треба да имаат и финансиска добивка. Потребна е и стратегија за деконтаминација и на тој план сме на почетокот. Во зависност од концентрацијата на загадените тешки метали, деконтаминацијата може да трае од најмалку три, па и до осум години. Интересот на локалните земјоделци е слаб. Тука се и нивните реакции кога се кажува дека произведуваат загадена храна, што за нив значи антикампања. Треба да се најде начин за заеднички да се реши тоа, бидејќи и тие самите се трујат со тие производи, а не само купувачите. Временските услови како суша се сериозен проблем, исто и набавката на семенски материјал. Одбирањето соодветно растение за деконтаминација е многу важно, нагласи координаторот на проектот.

За чистење на почвата – репка, сончоглед, пченка, јачмен, луцерка

Обраќањето на професорот по стручни предмети во средното земјоделско училиште „Ѓорче Петров”, Глигор Бојков, имаше за цел едукација за хиперапсорбери на тешки метали од почвата.

– Ако ја разгледаме педогенезата и создавањето на плодна почва, колкав временски период е потребен за таа да се создаде, на пример да се создаде еден сантиметар плодна почва, потребни се илјада години. А доколку не се води грижа за екологијата, може да се изгуби таа почва. Со пробите било констатирано присуство на зголемена количина метали во почвата на одредени места. Но, треба да се знае со сигурност, колку од тие метали се достапни во почвениот раствор, се во достапна форма за да можат растенијата преку корените да ги извлечат од почвата, а колку од тие метали се во недостапна форма, рече професорот.

Зголеменото присуство на железо и никел до одредено ниво, нагласи, не може да се манифестира надворешно и да се забележи со голо око.

– Исто така, растенијата не реагираат симптоматолошки, па така на пазар не можете да препознаете кој земјоделски производ има повисока концентрација на метали. Тоа може да се потврди само преку анализа на почвата и растението. Се јавува потреба за санација на почвите во еколошка смисла, ослободување од вишокот метали, особено од никелот, кој спаѓа во редот на тешки метали. Во светот постојат три методи за прочистување на почвата од метали. Физичка, хемиска и биолошка метода. Во економска смисла, најеколошка, најевтина и најисплатлива е биолошката, која се нарекува фиторемедијација. Се употребуваат соодветни растенија што ги црпат металите од почвата и ги складираат во надземните растителни органи. Подоцна таа зелена маса во која се складирале металите се третира соодветно, се рециклира и така рециклирана се враќа во природата. Како хиперапсорбери во нашиот случај може да се искористат диви растенија, но и култивирани. Што точно ќе се одбере, зависи од местоположбата, климата, почвата и концентрацијата на загаденост со метали и тешки метали. При оваа активност, потребно е да се види и туѓото искуство. Инаку, од културните видови земјоделски растенија во борбата против зголемено присуство на железо и никел во почвата може да се искористат растенија како различни видови репка, сончоглед, пченка, јачмен, луцерка и други, појасни Бојков.

На прашање од присутните, одговори дека загадувањето на почвата влијае и врз одгледувањето пчели. Тешки метали се случувало да се пронадат и кај мед во овој регион.

Ова не е антикампања, туку решение

Аријанит Џафери од „Екогерила” Тетово апелира земјоделците во сето ова да не гледаат како антикампања, туку напротив, да се залагаат за една масовна акција на фиторемедијација низ целата држава.

– Оти и одредено вино нема да се продава ако грозјето од кое е направено има многу железо. Треба да се тргне погрешното мислење кај земјоделците, кои сега најверојатно мислат дека е ова закана против нив и дека тие ќе го изгубат пазарот. Ние им нудиме едно решение што ќе ги спаси и земјоделците и економијата, дециден беше Џафери.

Колешката на Паризов по струка Соња Иловска говореше за влијанието на тешките метали во организмот на човекот.

– Десетици години наназад нема направено испитување на нашата почва. Затоа е ова многу важно да се направи во тиквешкиот крај, затоа што загадувачите преку почвата и растенијата многу лесно можат да се најдат на нашите трпези, нагласи Иловска.

Таа се осврна и на последиците врз здравјето на луѓето, кои можат да ги предизвикаат зголемените концентрации на железо и никел во овошјето и зеленчукот. И таа нагласи дека е потребно да се дејствува интервентно, со процес на фиторемедијација на почвата.

МИА

Лограње

X

Регистрација