– ММС
Вести Македонија

Северна Македонија осма на светските ранг листи во параглајдинг по Европскиот куп во Албанија

Параглајдеристот, Борјан Јованоски освои второ место на европски куп во параглајдинг „Албанија Опен“, што се одржа од 4 до 11 мај во Валона, Република Албанија.

„По претходниот успех во Турција, Борјан се најде на шестото место на светската ранг листа на параглајдеристи, во конкуренција од 76 пилоти од 15 држави, што ја пласира Северна Македонија на осмото место на светската ранг листа меѓу најелитните земји во светот“, изјави Биљана Еверетте, генерален секретар на Воздухопловна федерација на Македонија.

Првото место му припадна на Матјаж Слуга од Словенија, а третото го зазема Сергеј Сухорученко од Русија. Во женска конкуренција се додели наградата „Златна дама што и припадна на Маркета Томаскова од Чешка.

„Ова е традиционaлен натпревар што се одржува 20-ти пат по ред. Организаторот на натпреварот, Националниот Аероклуб на Албанија успеа да реализира седум серии, а нашиот спортист имаше вкупно седум негативни поени што е одличен резултат. На натпреварот учествуваа и добро познатите македонски параглајдеристи: Миле Јованоски, Адам Спиркоски, Бојан Уфцески и Кристијан Темелкоски. Од нив најдобар беше Миле Јованоски со освоено 20-то место“, додаде Еверетте.

 Северна Македонија сега се рангира во првите десет на светските ранг листи, а тоа ја прави земјата атрактивна и пожелна за активни туристи од целиот свет. Доказ за тоа е огромниот интерес на светските пилоти за 16-то светско првенство во параглајдинг кое ќе се организира во Крушево во август 2019. 

Лограње

X

Регистрација