– ММС
Вести Македонија

Креаторите на апликацијата за борба против врсничко насилство се сретнаа со министерот Адеми

Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска се сретна со тимот на ученици од земјата кои ја креираа иновативната мобилна апликација „SpeakOut“ за поддршка на жртвите од врсничко насилство, а за што од УНИЦЕФ добија награда – менторска поддршка и 20.000 американски долари за дополнителен развој, имплементација и промоција на нивната иницијатива, информираат од Министерството.

Адеми изрази задоволство за достојното претставување на земјата и постигнатиот успех во рамки на глобалниот младински предизвик „Generation Unlimited“ на УНИЦЕФ, како програма која ја промовираа светските лидери вклучувајќи го генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор, а која има за цел поддршка на младите од целиот свет кои имаат одлични идеи, но немаат ресурси да ги претворат идеите во реалност.

– Како млади и бистри умови покажавте дека имате идеи и енергија да создадете подобар свет за себе и за сите нас. И како индивидуи и како тим, покажавте дека може да се направат крупни промени што ќе го придвижат не само нашето општество, туку и воопшто светот, рече Адеми пред учениците кои се натпреваруваа под името „АндроМета“, додавајќи дека државата заедно со сите општествени чинители, како и со УНИЦЕФ ќе продолжи да ги поддржува младите таленти и да инвестира во надградба на нивното знаење, креативност и иновативност.

„SpeakOut“ е мобилна апликација што има за цел да ги мотивира младите анонимно да побараат помош и/или да дадат поддршка на своите врсници. На младите кои евентуално би ја користеле, апликацијата им нуди две опции за добивање помош – јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден-на-еден.

Во рамки на младинскиот предизвик Genration Unlimited се вклучија повеќе од 800 иноватори од 16 земји. Петте победнички тимови, меѓу кои и тимот од нашата држава составен Александра Поповска – 18 години, Дарио Стојанов – 16 години, Матеј Плавевски – 16 години, Амра Личина – 17 години и Данче Петрушевска -18 години, беа претставени минатата недела во Њујорк, се наведува во соопштението од Министерството.

Лограње

X

Регистрација