– ММС
Вести Македонија

СЕММ и ЗНМ: Новинарите да се воздржат од сензационалистичко информирање

Во врска со случаите на самоубиства и известувањето за нив, Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Здружението на новинарите (ЗНМ) повикуваат медиумите да се воздржат од сензационалистичко информирање и да ги почитуваат  етичките стандарди и норми.

Потсетуваат на член 7 од Кодексот на новинарите, според кој „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес“ и дека е  „должен да ги почитува личната болка и жалост“, и на член 8 од Кодексот, според кој „начинот на информирање во случаи на несреќи мора да биде ослободен од сензационализми“.

Овие членови од Кодексот, наведуваат СЕММ и ЗНМ,  јасно упатуваат на обврската на новинарите да известуваат за случаите на самоубиства само доколку станува збор за поширок јавен интерес или, пак, кога станува збор за јавни личности, со цел објективно да се информира јавноста и да се избегнат можните шпекулации. Но и во тие случаи новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските.

-Освен тоа, потребна е особена внимателност во известувањето за случаи на самоубиства,со оглед на можноста од повторување на таквиот чин од ранливите категории граѓани, на што упатува и Светската здравствена организација. Од друга страна, медиумите имаат голема улога во тоа да се разберат факторите што придонесуваат за овој проблем, како и да се едуцира јавноста, а особено оние кои се соочуваат со ризик од таков тип однесување со цел да побараат соодветна помош, соопштија СЕММ и ЗНМ.

Лограње

X

Регистрација