– ММС
Вести Македонија ММС-Стории

Приватизирано, па препродадено од Скопски пазар: Земјиште во Ресен предмет на судски спор, двајца угостители тврдат дека се оштетени

Фото: Фокус

Двајца угостители од Ресен ја спорат правдата во државава, но со различни аргументи со кои тврдат дека им е нанесена неправда. Првиот обвинува дека е оштетен, зашто е срушен објектот во кој се наоѓал неговиот кафе бар. Вториот тврди – штетата е кај него, бидејќи сега срушениот објект се наоѓал на негово земјиште, а постапката за рушење беспотребно се одложувала неколку пати. Иако приватен, во правниот спор се провлекуваат и општината и Скопски пазар, во чија сопственост порано било спорното земјиште.

Извршувањето на решението за рушење, минатата недела ја запечати судбината на кафе барот „Китам“ на плоштадот во Ресен, каде се наоѓа и Стоковната куќа. По повеќе обиди и талкање низ институционалните лавиринти, сопственикот Ѓорѓи Ивановски и неговото семејство останаа без изворот на егзистенција, односно кафе барот сместен во објект, кој во 2000-та година го купил од Палас турист.

Откако Палас турист оди во стечај, земјиштето на кое е сместена Стоковната куќа го купува Скопски пазар, од каде во 2008 година, согласно решение издадено од Управата за имотно правни работи во Ресен, приватизираат и десетина парцели од околу.  Со присвојувањето на простор поголем од предвидениот, меѓу парцелите кои ги приватизира Скопски пазар, се вбројува и земјиштето на кое Ивановски го отворил својот кафе бар, сместен во објект изграден уште во осумдесеттите.

Со ова, земјиштето под сега срушениот кафе бар, станува сопственост на „Скопски пазар“ кој пак таквата приватизирана парцела ја препродава и истата станува сопственост на бизнисменост Митре Стерјоски. Сакајќи да го искористи земјиштето за кое како што вели, и’ платил давачки на државата, тој го дава Ивановски на суд.

Стерјоски тврди дека тој е оштетениот, бидејќи неговиот приватен имот, Ивановски го узурпирал со години. Ивановски пак, ја оспорува постапката за рушење. Вели проследена е со низа неправилности и најавува приговори:

„Несфатливо е такво крупно извршување. Извршителката беше само 5 минути таму, целото извршување и’ го довери на фирмата што рушеше и на луѓе кои беа од околу. Полицијата не остави можност да приговараме или да се доближиме до извршителката. Таа буквално 10 минути беше на терен. Се појави вечерта, кога завршуваше извршувањето. Си напиша записник, кој јас и адвокатите не го потпишавме. По барање на јавниот обвинител, и’ беше одземен оригиналниот предмет за извршување. Од судката пресуда до елаборатите за рушење, извршителката дојде со празни раце. Кој и’ даде предмет, по чии инструкции се рушеше, не знам“.

Тој вели дека ќе поднесат и барање за обезбедување докази:

„Ќе бараме Судот со вештаци да излезе на лице место. Овие неправилности треба да ги констатира Судот, за да докажеме колкава штета е направена. Ќе поднесеме и кривични пријави до луѓе за кои мислиме дека сериозно го прекршиле законот“.

Рушењето на објектот проследено со полициска асистенција

Сопственикот на земјиштето пак, Стерјоски обвинува дека целиот плоштад во градот е узурпиран од луѓе кои не плаќаат никакви давачки.

„Тотално е во право извршителката, тоа е узурпација на приватен имот купен од Скопски пазар. Во Општина Ресен имаше решение за рушење и не сакаа да го извршат, па по судски пат, неколку пати имаше асистенција на полиција и едвај успеавме да го срушиме. Местото е мое, односно на правното лице Митоил. Кафе барот што го имаше тој човек беше времен објект надвор од нашата парцела, но присилно се рашири на нашата парцела и две години се судиме, едвај се изврши рушењето“, одговори Стерјоски на обвинувањата за противправното рушење.

Ивановски тврди дека сите претходни обиди за рушење на кафе барот биле проследени со собир на граѓаните, како еден вид протест, но Стерјоски се сомнева дека тоа биле негови, блиски луѓе кои тој намерно ги повикал за да ја спречат постапката, дури тврди дека меѓу нив, имало полициски претставници. Сега откако е срушен кафе барот „Китам“, Стерјоски планира да го прошири својот ресторан, односно ланч бар кој го има во близина.

„Тој човек го има објектот од претходно, ама не на таа парцела. Тој имаше 23 квадрати и присилно го заградија и нашето место. Јас мислев дека има држава и ќе го рушат. Мојата парцела е од него кон плоштадот и немаме врска со неговиот објект. Сега јас тука ќе си барам проширување ако ми дозволи ресорното министерство. Јас за тоа место сум платил давачки на државата, имам имотен лист. Имаше решение и од Министерството за транспорт и врски, бев и во ОЈО, но нашите од тука ги вршеа сите работи. Нема место каде не се обративме, но местото беше узурпирано. Големи неправди постојат во областа на урабанизмот“, заклучува овој ресенски бизнисмен, кој не се одзвал на барањата на Ивановски да се видат и да поразговараат, а општината да одигра улога на медијатор.

Макар што овој проблем трае со години, градежните инспектори не направиле увид на терен. Впрочем, последен пат Градежниот инспекторат со овој случај се „позанимавал“ во 2015 година, кога на лице место бил инспектор, чии констации се употребени во судскиот спор, чиј крај бил означен со одлуката за рушење на објектот на Ивановски. Градоначалникот Живко Гошаревски вели дека со години не ни имаат инспектор, кој би можел да излезе и да донесе констатации во рамките на своите надлежности.

Гошаревски се дистанцира од целиот случај:

„Општина Ресен информира дека рушењето е врз основа на правосилна судска одлука. Општина Ресен не е инволвирана во правната работа, која е предмет на спор меѓу двете странки и нема право да толкува судски одлуки. Јас повеќе пари инсистирав странките да го решат имотно – правниот спор, да седнат на маса, но тие не постигнаа согласност. Жалам што има ваков епилог, особено бидејќи рушењето беше пред очите на граѓаните во центарот на Ресен“.

Канал 77 побара коментар и од Скопски пазар, од каде потсетуваат дека решението за приватизација го добиле од општината, додавајќи дека при поднесување на барањето за приватизација на градежното земјиште кое дотогаш било во државна сопственост, постапувале најсовесно и во рамките на барањата на надлежните општински органи.

Државното земјиште е предмет на приватизација во рамките на градежна парцела, која се утврдува од страна на Општината, согласно донесен Детално урбанистички план – се вели во одговорот од Скопски пазар, од каде сметаат дека приватизирале земјиште со површина на која и’ полагале право согласно прописите.

На обвинувањата на Ивановски дека Скопски пазар приватизирал поголема површина одошто требало, оттаму аргументираат дека не постојат други, дополнително узурпирани парцели. Според Скопски пазар приватизираната површина на земјиште е 2.085 метри квадратни, а за истата постои валидна документација, со тоа што 1211 метри квадратни зафаќа земјиштето на кое се наоѓа Стоковната куќа, а останатите парцели зафаќаат 874 метри квадратни и истите претставуваат дворно место.

Скопски пазар не влијаел ниту можел да влијае на податоците кои по службена должност ги креира и пишува Агенцијата за катастар на недвижности која го издава имотниот лист – велат од акционерското друштво, кое го купило земјиштето што стана предмет на правен спор, за сума од 1.604.616 денари.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Лограње

X

Регистрација