– ММС
Македонија ММС-Стории

Пред депортацијата во Треблинка, штипски Евреи го дале закопаното злато за партизаните

 

Откако на 11 март 1943, заедно со скопските и битолските Евреи, биле затворени во скопскиот монопол, со штипските Евреи таму некако успеал да стапи во контакт претставник на Месниот комитет на Комунистичката партија и преку Пепо Леви, штипски Евреин и докажан антифашист, кој исто така бил во логорот во монополот, побарал тие што имаат скриено или закопано семејни заштеди во своите куќи во Штип да кажат каде се сокриени за да се искористат во борбата за слобода, што повеќемина Евреи тоа и го прифатиле, напоменувајќи дека скриеното богатство го даваат за народноослободителното движење, како и за народна помош

Пишува: Љупчо Шатевски

Освен што со доброволни прилози го помагале народноослободителното и антифашистичко движење по фашистичката окупација на Македонија во 1941, некои штипски Евреи и своето закопано злато пред во март 1943 година да бидат однесени во фашистичкиот логор Треблинка го ставиле на располагање на борците за слободна Македонија. За тоа многу малку се знае, иако останале пишувани материјали од кажувани и писмени сведоштва на учесниците во таа акција.

Откако на 11 март 1943 година, заедно со битолските и со скопските Евреи, Евреите од Штип биле затворени во скопскиот монопол, на иницијатива на некои од нив и на Месниот комитет на Комунистичката партија во Штип, во Скопје бил испратен члент на МК Васил Златев за да стапи во контакт со Пепо Леви, штипски Евреин, докажан антифашист и борец за слобода. Важна улога во тоа имал и Исак Сион, единствениот Евреин што на 11 март избегал од колоната што бугарските фашисти ја спроведувале кон штипската железничка станица, кој потоа заминал во партизани, а во 1944 година бил и делегат на Првото заседание на АСНОМ.

Еврејското Маало во Штип на почетокот на Втората светска војна (горе и долу)

Откопани две обични и три големи тегли полни со златници и златен накит

Во Скопје, Златев успеал некако да воспостави врска преку оградната жица на монополот со Пепо Леви, кој, пак, во логорот разговарал со повеќемина штипски Евреи со намера да кажат дали имаат скриено семејни заштеди и скапоцености во нивните домови во Штип и да кажат каде се за да послужат како помош за народноослободителното движење. Повеќемина Евреи, кои имале закопано или скриено такви заштеди, тоа и го направиле.

Златев во Штип се вратил со кратко писмо од Пепо Леви во кое прецизно биле опишани осум места во шест куќи, меѓу кои и во неговата, во кои имало скриено скапоцаности. Во писмото имало и кратка порака дека својата заштеда доброволно, како свој придонес во борбата против фашистичките поробувачи, ја ставаат на располагање на народноослободителното движење, како и за народна помош.

Во потрагата по златото биле вклучени десетина истакнати младинци и патриоти, кои во и околу куќите работеле ноќе и тајно, по полицискиот час. Морало и да се брза, бидејќи од празните куќи на Евреите се крадело, а било најавено и уривање на Еврејското Маало од фашистичките власти. На пет места откопале пет тегли, две обични и три големи, полни со златници и со златен накит. Првин биле предадени на месниот партиски комитет, а потоа и на Покраинскиот комитет за Македонија.

По депортацијата, штипското Еврејско Маало било урнато

Сите 560 штипски Евреи, со исклучок на неколкумина, кои или не биле дома во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година или биле во партизани, заедно со уште околу 6.500 македонски Евреи, потоа од скопскиот монопол биле однесени и убиени во германскиот фашистички логор Треблинка во Полска.

Штипското Еврејско Маало непосредно пред депортацијата (лево) и еврејската синагога, која, исто така, била урната (десно)

– Во почетокот на 16. век во Штип живееле 38 еврејски семејства дојдени од Солун. Во 1899 година нивниот број се зголемил на 800 луѓе. Но, поради балканските и Првата светска војна, потоа почнал да опаѓа. До фашистичката окупација во 1941 и депортацијата во 1943 година, во Штип имало 140 еврејски семејства со околу 560 луѓе, од кои најголем дел живееле во тогашното Еврејско Маало во центарот на градот. Главно биле занаетчии и трговци. Некои богати, но повеќето сиромашни. Имале синагога, еврејско училиште, драмска секција, младински хор, фудбалски клуб – велат од историското одделение на штипскиот Завод и Музеј.

Акција за расчистување на теренот по уривањето на Еврејското Маало од фашистичките власти

Поради ликвидацијата на Евреите во Треблинка, во Штип по Втората светска војна останале само неколкумина Евреи. Митко Рубиса, кој беше познат како последниот штипски Евреин, пред една деценија се исели со семејството во Тел Авив. Во Штип тогаш му остана станот, за повремено да доаѓаат неговите деца.

ГОЛЕМО ЧУДО ЈА СПАСИЛО РАШЕЛА ОД ТРЕБЛИНКА

Во март 2013 година, на 70-годишнината од депортацијата на македонските Евреи, родниот Штип го посети Рашела-Шела Сион, последниот жив сведок на случувањата од 1943, која во 1949 година се преселила во Ерусалим. Тогаш првпат проговори за случувањата. Во Штип дојде и на 11 март пред три години.

И таа, тогаш како седумгодишно девојче, во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година со семејството била однесена од Штип во скопскиот монопол. Но, имала среќа. Нејзината постара сестра пред апсењето им дошла на гости во Штип, а била омажена во Приштина, која била под италијанска окупација. Италијанците имале потолерантен став кон Евреите, па побарале постарата сестра на Рашела да биде пуштена од скопскиот монопол. Таа успеала со себе од монополот да ја изнесе и Рашела, претставувајќи ја како своја сестра. Излегле во последен момент, токму кога почнале да се товараат возовите на смртта за Треблинка.

Набрзо потоа, во Приштина починала сестра и’ на Шела, па за неа почнале нови маки. Некоја жена ја криела во Ѓаковица, додека Шела не се разболела од тифус. Во болницата некој пријавил дека е Еврејка. Била вратена во Приштина и затворена во логор (Италија веќе имала капитулирано). По завршувањето на војната, завршила во Белград во детски дом за Еврејчиња што останале без родители. Во 1949 заминала во Израел, каде што се омажила и има три деца и многу внуци и правнуци. Во родниот град, по 1943, Рашела Сион, сега Алтарац, првпат дошла во 2006 година.

Рашела Сион – Алтарац пред неколку години во родниот град

– Престанав да плачам кога имав десет години зашто не ми беа останале повеќе солзи, а за себе, за трагедијата на моето семејство и на моите соседи од некогашното Еврејско Маало многу ретко зборував. Цели 55 години на моите деца не им кажував ништо за себе, за мојата голгота. Повеќе не е така. Сега дојдов во Штип со мојот најмлад син. Првпат ќе отидам да го најдам и местото каде што беше нашата куќа, урната, како и целото Еврејско Маало, од фашистите по депортацијата. Досега немав сили. Велев дека не знам каде точно ни’ беше куќата, а, всушност, ми беше страв да се соочам со трагедијата. Ќе отидам и да им се поклонам на моите покојни предци и роднини на Еврејските гробишта во Штип – зборуваше Шела во Штип во март 2016 година.

Лограње

X

Регистрација