– ММС
Вести Македонија Сообраќаен Сервис

Наместо само со кеш, во катната гаража кај Кривичен суд ќе може да се плаќа и со картичка

Возачите кои паркираат во катната гаража „Судска палата“ што е под надлежност на ЈП „Паркинзи на општина Центар“, отсега ќе може да плаќаат и со картичка. Откако слушател преку рубриката „Сообраќаен сервис“ реагираше за начинот на плаќање во катната гаража близу Кривичниот суд, Канал 77 пред надлежното Претпријатие го иницираше прашањето за тоа што е со граѓаните, кои немаат кеш во моментот.

Директорот на Претпријатието, Васко Кичевски најави дека ПОС терминалот ќе биде поставен уште денеска.

„Овде се плаќа со кеш. Се издава фискална сметка, на самиот излез на катната гаража. Нема ставено ПОС терминал, но ќе ставиме. Тоа е сума од 20 или 30 денари. Провизијата може да биде поголема од оваа сума, но ќе излеземе во пресрет уште денеска. Благодарам на забелешката“, изјави Кичевски, кој го прашавме и дали бележат примери во кои возачите се обиделе да направат манипулација:

„Имаме различни примери, почнувајќи од врзување кола една зад друга, па системот не препознава дека тоа се две коли и така излегуваат од катната гаража. Размислуваме како тоа да го сопреме, има некои пософистицирани системи со кои таа злоупотреба нема да може да ја прават“.

Постојат и други ситуации, додава тој, во кои при подигање со возилото „пајак“ не’ обвинуваат дека сме биле брзи, па има некои шеги на наша сметка дека во Македонија најбрзо е да ти ја земат колата со „пајак“, меѓутоа реалноста е дека непрописното паркирање прави проблем на целиот сообраќај.

„Нашата пајак служба е брза. Имаме случаи каде луѓето велат дека автомобилот им бил паркиран само пет минути па заработиле казна, но тоа е невозможно. За толку кратко време е невозможно да се напише дневна паркинг карта, за тоа се потребни 15 минути. Во Дебар Маало на пример, каде има меани, има автомобили кои се паркираат на средина на еден од паркинзите. Не’ обвинуваат дека не сме организирани, но тоа е исто како да сте се паркирале среде улица“, нагласува Кичевски во интервјуто за Канал 77.

Според него, трите „пајак“ возила со кои располага ПОЦ не се доволни. Во јуни Претпријатието треба да добие и ново возило од овој тип, но директорот смета дека треба да се зголеми свеста кај граѓаните, за тоа дека до посакуваната дестинација не мора да одат само со автомобил:

„Мислам дека ни треба едукација за тоа дека до посакуваното место може да стигнеме на друг начин, а не само со автомобил. Дали тоа ќе биде со тротинет, со велосипед, пешки, со јавен превоз… Мора да ги менуваме навиките. Ако треба сите со автомобили да одиме до центарот на градот, нема да може да ги сместиме сите коли. Потребна е посебна кампања за искористување на јавниот превоз и на другиот вид превоз што ќе ни овозможи да се движиме на одредена локација. Размислуваме да почнеме едукативен процес. Мора да ги искористиме капацитетите. Ако одиме на исто работно место, а живееме блиску еден дод руг, не би требало да е проблем да одиме на работа со исто возило. Мора да размислуваме да го ослободиме просторот во центарот на градот. Во средните училишта имаме едукација и тоа е долгорочен процес, но потребна е поширока кампања за да ја подигнеме свеста кај граѓаните за одговорноста што ја имаме за сообраќајниот хаос. Не е поентата да ги казниме граѓаните. Треба да се зголеми свеста. Ако немаме слух од другата страна, залудно е. Треба да се најде златна средина“.

На паркинзите од отворените зони пак, кои се под надлежност на ПОЦ, е овозможен бесплатен паркинг два часа во текот на денот за новинарите кои се членови на Здружението на новинари или на Македонската асоцијација на новинари. Од ЗНМ велат дека и покрај поволностите што ги овозможува потпишаниот меморандум за соработка, има ситуации кога новинари добиваат дневна паркинг карта од страна на контролорите. Причина за ова, во дел од нив, било паркирање во резидентната зона за каде поволностите не важат, но понекогаш, посочуваат оттаму, се работи и за грешка на контролорите, за што е реагирано пред надлежните.

Во моментот, ваквата поволност ја користат сто и педесетина новинари членови на ЗНМ. Новинарите кои сакаат да го искористат бесплатниот паркинг, треба да се обратат до ПОЦ со барање за издавање картичка за бесплатен паркинг по што добиваат договор за користење од 12 месеци и истите се дел од регистарот – објаснуваат од ЗНМ.

Од Паркинзи на општина Центар велат дека размислуваат за ваква соработка и со таксистите, но треба да се внимава и да не им се наштети на граѓаните.

Бројот на паркинг места е 6000 и ако овозможуваме за другите, ќе немаме доволно паркинг места за регуларните граѓани кои немат никакви повластени околоности. Мора и да се зголеми бројот на паркинг места, но и релациите не можеме да ги зголемуваме до бескрај – велат оттаму. Најавуваат дека во текот на оваа година, во Дебар маало ќе биде поставена монтажна гаража, која ќе овозможи 230 нови паркинг места во централното подрачје на главниот град.

 

Вања Мицевска

Лограње

X

Регистрација