– ММС
Вести Македонија Сообраќаен Сервис

Смајли за прилагодена брзина за возачите во Кавадарци

Насмевка за возачите кои ја почитуваат дозволената брзина на движење со своите возила и налутено смајли за оние кои возат со поголема брзина. Ова го покажуваат десетте сообраќајни знаци што деновиве се поставени на неколку локации низ кавадаречките улици. Целта е да се делува врз свеста на возачите дека со прилагодена брзина придонесуваат за поголема безбедност во сообраќајот.

„Ова ќе значи подобрување на сообраќајните режим, култура и безбедност. Сообраќајните знаци ги опоменуваат возачите и зависно од тоа дали ја почитуваат препорачаната брзина на движење или не, им покажуваат насмевка или намрштена фаца. Општина Кавадарци сака да има организиран систем во сообраќајот, со негова постојана онлајн контрола деноноќно“ вели градоначалникот на Кавадарци, Митко  Јанчев.

И од сообраќајната полиција сметаат дека ќе се делува на свеста кај возачите, а со тоа ќе се зголемува и безбедноста во сообраќајот низ кавадаречките улици.

„Со помош на овие знаци ќе можеме да водиме статистичка евиденција за тоа во кој период од седмицата и во кое време од страна на возачите се прават прекршоци, па според таа статистика ќе се поставуваат сообраќајни патроли и радари, по што ќе следуваат и санкции за несовесните возачи. Сето тоа со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот во општина Кавадарци и намалување на бројот на сообраќајни незгоди, вели командирот на сообраќајната полиција Кавадарци,  Томе  Илиевски.

Електронските  сообраќајни знаци ги конструира Борис Вирлиос. Тој нагласува дека во нив покрај предупредувањето за брзината се наоѓаат и камери кои сеуште не се во функција.

Од општината најавуваат дека за поголема безбедност како во сообраќајот така и во останатите сегменти ќе бидат поставени 85 безбедносни камери на повеќе локации во градот, а ќе се следат во мониторинг центар кој ќе биде отворен за таа намена.

Ангел Данов

Лограње

X

Регистрација