– ММС
Вести Македонија

Домашните производители на вино го подобруваат квалитетот на своите производи

Производителите на вино во домашни услови од година во година произведуваат се’ поквалитетни вина, оценуваат енолозите. Тоа се покажа и на последната дегустација што ја правеа стручни лица на мостри вино во Росоман. Дегустацијата беше организирана во пресрет на празникот Свети Трифун. Во Тиквешијата деновиве во повеќе градови ќе се прават такви дегустации.

„Генералната оценка на комисијата е дека квалитетот на домашните вина за разлика од претходните години е на уште повисоко ниво. Домашните производители секоја година се’ повеќе се едуцираат ги пратат сите вински трендови, вински едукации и вински семинари. Мислам дека за неколку години ќе се достигне нивото на раст кое треба да го имаат како домашни производители и со новото законско решение да се дојде до едно солидно, како економско така и технолошко значење на домашните производители, како значаен сегмент во производството на вино“, вели енологот Ќире Петров.

Високите оценки кои ги добиваат домашните производители на вино ги стимулираат многу посериозно да се занимаваат со овој семеен бизнис – велат енолозите. Голема количина на грозје,  поради не редовната исплата од визбите, завршува во домашните подруми, а тоа  ги принудува лозарите да ја изучуваат технологијата на производство на вино. Се’ почести се семејните винарии во Тиквешијата и се’ поквалитетни вина излегуваат од таму.

 

Ангел Данов

Лограње

X

Регистрација