– ММС
Вести Македонија

За Манчевски нема непотизам – Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата

Членовите на СДСМ десет години биле дискриминирани при огласите за вработувања во јавната администрација – тврди министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. По низата вработувања на лица блиски до владини функционери, власта се најде на мета на јавни обвинувања, па новинарите денеска го прашаа Манчевски како ги коментира реакциите за тоа дека постои непотизам.

„За нас беше забрането и во јавен и во приватен било кој,  со членска книшка на СДСМ, се вработи. Затоа зборевме за заробена држава. Денеска е чудно што кој било симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата“, изјави Манчевски. Тој уште додаде дека за се’ она што се смета дека е проблематично може да се поднесе претставка до Антикорупциската комисија. Ова тело кое треба да се бори со корупцијата во земјава, од неодамна има нов состав од кој е дел и баџанакот на собранискиот спикер, Талат Џафери, Нури Бајрами.

Министерката за правда, Рената Дескоска е децидна дека во таквиот избор нема ништо проблематично и како што вели, баџанак не спаѓа во законски дефинираната категорија блиски лица во кои е посочено и сватовство до втор степен.

Денешната изјава на Манчевски предизвика лавина коментари на социјалните мрежи, каде се огласи и професорката Мирјана Најчевска, која смета дека тој итно треба да биде разрешен од министерската функција. Таа му порача на Манчевски да го прочита Законот за организација и работата на органите на државната управа.

Последните реакции за вработувањата на владините функционери, се однесуваат на вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска, кој е примен во работен однос во АД Електрани.

Лограње

X

Регистрација