Кирил Пецаков во 2021 година ја доби довербата од охриѓани со ветување дека ќе го претвори Охрид во модерен, уреден и еколошки град. Во својата предизборна програма, сегашниот градоначалник најави 10 приоритетни проекти кои треба да го подобрат квалитетот на животот и инфраструктурата во општината.
Тој вети реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“, ревитализација на Студенчишко Блато, велосипедска патека Охрид – Св. Стефан, реконструкција на булеварот „Македонски Просветители“ и нов парк, како и проширување на зелената зона на потегот од споменикот на „Ден Долард“ до каналот Студенчишта.
Покрај ова, во неговото предизборно ветување беше наведена изградба на ново модерно и современо основно училиште, катна гаража на локација „Градски пазар“, поставување на фотоволтаични панели, училишна спортска сала во село Лескоец и изградба на нови мултифункционални спортски игралишта.
Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков вели дека од десетте приоритетни проекти кои ги ветил на почетокот на мандатот, осум проекти се финализирани или се во напредна фаза на реализација, но останува уште за работа.
„Не е започнат проектот за ревитализација на Студенчишкото блато бидејќи во тек е носење на Закон за блатото и врз основа на тоа треба да се донесе План за управување со него. Исто така до крајот на овој мандат нема да може да започне проектот за изградба на Велосипедска патека Охрид-Свети Стефан, затоа што треба да се подготви студија за безбедност во сообраќајот, по што ќе се пристапи кон реализација на проектот“, вели тој.
Пецаков тврди дека Општината ги слуша граѓаните и нивните предлози и идеи, а како свој успех го смета враќањето на општината во финансиска кондиција. Општина Охрид беше во топ 10 најзадолжени општини.
„Со финансиска дисциплина, успеавме да го завршиме процесот на раздолжување и да ја одблокираме сметката. Презедовме серија на мерки за консолидација на јавните претпријатија, со што успеавме да го стабилизираме финансиското работење на претпријатијата и да ги доведеме во еден стабилен колосек. Значаен успех е што од минатата година ЈП „Нискоградба“ е целосно раздолжено и ќе може да работи рентабилно и да реализира нови проекти“, објаснува Пецаков.
Преку јавниот повик на Министерството за локална самоуправа, Пецаков вели дека наскоро ќе стартува процесот на реализација на многу важни инфраструктурни проекти.
„Станува збор за изградба на катна гаража во Општина Охрид, реконструкција на линиски инфраструктурен објект кој ги поврзува село Велгошти со село Лескоец, реконструкција на дел од улица Даме Груев од кружна крстосница улица Јане Сандански со Питу Гули до пресек со булевар „Туристичка“, реконструкција на линиски инфраструктурен објект на дел од улица „7ми Ноември од кружна крстосница „Охридска Банка“ до пресек со улица „Егејска“, како и други проекти“, рече тој.
Опозиција: Градоначалникот се китеше со туѓи перја
Сосема спротивно мислење има Асен Шајн, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ на Охрид кој ќе биде директен противник на Пецаков на претстојните локални избори.
„Клучните проекти кои останаа нереализирани се токму оние кои беа најпотребни за Охрид, а тоа е изградба на водоводната и канализациска мрежа која е во катастрофална состојба во повеќе делови на градот и околните населби, целосно решавање на урбанистичкиот хаос, стопирање на нелегалната и диво градбена експанзија“, рече Шајн.
Шајн вели дека во последната година се забележани 62 нови градби.
„Треба да се посвети внимание и на уредување на јавниот превоз и сообраќајниот хаос особено во туристичката сезона, развој на туризмот со долгорочна стратегија наместо само кампањски фестивали и еднодневни настани без траен ефект за економијата“, дециден е тој.
Според него, причините за нереализирани проекти се комбинација од лошо планирање и целосно отсуство за политичка волја.
„Наместо да се биде фокусиран на проектите што ќе го подобрат животот на Охриѓани, целиот мандат беше изгубен во кадровски решанизми, разрешување и заплашување во администрацијата, како и постојано играње со вработените за ситни политички поени. Таа клима на страв и несигурност доведе до пад на продуктивноста и блокада во функционирањето на Општината. Охрид не доби ништо ново и значајно, туку само уште еден изгубен мандат кој ќе се памети по поделби, внатрешни судири и промашени приоритети“, смета Шајн.
Според Виолета Аврамоска, советник и член на Локално координативно тело на Левица во Охрид, неговиот мандат го коментираат како чиста катастрофа и без реализација на ниту еден капитален проект.
„Неговиот мандат се состои во реконструкција на веќе реконструирани улици и тротоари. Од оние кои ги вети а не ги исполни ќе ги издвојам изградба на катна гаража, реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“ и дислокација на дивите депонии Мауцкер и Буково како едни од најголемите загадувачи на воздухот во Охрид“, смета Аврамоска.
Најзапоставена областа според неа била екологијата.
„Во изминатиот период честопати Охрид беше град со најзагаден воздух, проблемите со извештајот на УНЕСКО и препораките, посебно дивоградбите. Нема значително подобрување во однос на дивоградбите, барем не онакво какво што е потребно за да се задоволат барањата на УНЕСКО“, рече таа.
Аврамоска вели дека Општината не е доволно транспарентна и дека некои од одлуките во Советот се носеле набрзина.
„Еден од нашите предлози е ревизија на сите општински тендери вклучувајќи ги и тендерите во јавните претпријатија со цел граѓаните да бидат доволно запознаени како и за што се трошеле нивните пари. Еден од најголемите наши успеси во овој мандат е поднесувањето на 80 амандмани заедно со 40 граѓански и еколошки организации, како и археолози каде спречивме продажба на државно земјиште за едно евро квадрат кај месноста Мауцкер. Ова место е археолошки локалитет, па така ние не дозволивме воопшто таму да се гради“, изјави Аврамоска.
Пред Општина Охрид и нејзиното раководство претстојат сериозни предизвици – од завршување на започнатите инфраструктурни проекти, до справување со долгогодишните еколошки проблеми, урбанистичкиот хаос и потребата од одржлив развој на туризмот.
Иако дел од ветувањата на Пецаков се во завршна фаза, критиките од опозицијата и граѓанскиот сектор покажуваат дека довербата на охриѓани ќе зависи од тоа колку овие проекти навистина ќе го подобрат квалитетот на живот во градот.
Решавањето на проблемите со дивоградбите, хаос и спроведувањето на препораките на УНЕСКО ќе бидат клучни точки за наредниот период. Дали актуелната власт ќе успее да ги исполни очекувањата на охриѓани или пак Охрид ќе влезе во нов циклус на незадоволство и поделби, останува да се види во месеците што следат.
(К.Т)