Во рамки на проектот „Македонијо, во срце те носиме“ пред публиката пристигнува уште едно драгоцено музичко парче – „Како што е таа чаша“ во изведба на Спасен Силјаноски.
Оваа безвременска, традиционална македонска народна песна со силен патриотски и сентиментален дух е вистински сведок на душата на нашиот народ – каде што личната болка се претопува во патриотски елан, а мелодијата ја раскажува борбата, тагата и гордоста низ кои сме чекореле како нација. Во секој стих на „Како што е таа чаша“ се крие тивка исповед – за полното срце со јадови, за чашата со вино како утеха, за повикот на мајката и за одлуката да се земе пушката и да се појде в гора – не само како бунт, туку како чин на љубов и жртва за татковината.
Песната е отпеана од низа легендарни музички имиња – Александар Сариевски, Никола Бадев, Петранка Костадинова, Селимова – Желчевски… и токму таа богата историја ѝ дава дополнителна тежина на новата верзија, продуцирана и аранжирана од маестро Николче Мицевски, со гласот на Спасен Силјаноски – новото засилување во екипата што со љубов ја оживува македонската музичка традиција.
„Чест и задоволство е не само да се биде дел од еден ваков проект кој го чува и негува духот на традицијата и има за цел да го врати сјајот на едни од најубавите македонски песни, туку и да се отпее оваа песна. „Како што е таа чаша“ е песна која е една од омилените во моето семејство и песна без која не поминува ниту една наша седенка, па и не случајно изборот падна на неа“, вели Спасен. Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува со својата благородна мисија – да го слави македонскиот музички идентитет преку современи преработки на највредните народни бисери.
По топлите изведби на „Не кажувај либе добра ноќ“ од Огнен Здравковски, „Како пиреј“ од Ламбе Алабаковски и „Се собрале комитите“ од Миле Кузмановски, новата интерпретација повторно носи бура од емоции проткаени со гордост и љубов кон традицијата и татковината. Во периодот што следува, љубителите на македонската песна ќе можат да уживаат во целосната збирка од проектот – песните ќе бидат објавувани последователно, во духот на мотото „Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци.“