Генерално, ваков е заклучокот од денешниот одговор на премиерот Христијан Мицкоски, кој со денови одговараше дека се прават анализи, додека денеска излезе со информација дека во текот на денот ќе се состане со министерот за економија и труд, по што ќе се одлучи како ќе се реагира на растечките цени.
На овој состанок, како што рече Мицкоски, се очекува да се разгледаат резултатите од анализите на кои се повикуваше изминатите неколку недели, додека цените не престануваат да растат. Иако сме во сезоната на зеленчукот и овошјето, податоците на Заводот за статистика покажуваат дека највисок раст изминатата година има кај овошјето од над 20 отсто и кај зеленчукот, додека растеле цените и кај маслото за јадење, млекото, сирењето, јајцата, лебот.
На новинарско прашање дали ќе се оди со ограничување на маржата, Мицкоски одговори:
-Вие имате повеќе информации од мене. Немам информации дека се при крај преговорите. По настанот имам состанок во министерот за економија и труд за тоа што треба да се направи, соодветно на анализите, одговори премиерот Мицкоски на презентацијата на резултатите од изминатата една година на Царинската управа.
Ограничување на трговската маржа, која покажува колкав процент се додава врз набавната цена, е една од мерките за која неоофицијално се разговара во Министерството за економија и труд, како предлог мерка контра растечките цени. Очекувањата на граѓаните се дека Владата ќе реагира побрзо со мерки, како грижа за животниот стандард.