Семејни недоразбирања и нерасчистени имотни односи е причината за семејната трагедија во Прилеп, во која беа убиени 12-годишно дете и неговиот татко (43) од нивниот 63-годишен дедо и вујко, потврди Обвинителството. Убиецот, кој потоа сам си пресуди, претходно во текот на денот на Фејсбук се заканил.

-Според првичните сознанија, 63-годишникот најпрво го лишил од живот својот внук од сестра и неговиот син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. По извршување на делото, мотивите за стореното ги објавил и на една социјална мрежа, а потоа се самоубил. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатите, како и за прибирање на сите траги, оружје и муниција пронајдени на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, соопшти ЈОРМ.
Засега нема потврда дека во акцијата на полицијата бил повреден полициски службеник, ниту дека човекот кој пукаше е поранешен полицаец. Потврдено е дека додека траела заложничката драма, се заканувал дека ќе активира експлозивна направа.
Локалниот медиум „Инфокомпас“ пренесува изјава на обвинителот Стефчо Биноски, кој вели дека настанот се случил во куќата на човекот кој пукаше, инаку вујко и дедо на двајцата убиени.
-Таткото и синот отишле во куќата на вујкото на улицата „Стеван Апостолоски“ околу 15 до 16 часот. Освен вујкото немало никој друг во куќата. Инаку, претходно вујкото му ја препишал куќата на внукот. Не се знае што се случувало наредните часови само се знае дека таткото и 11-годишниот син биле убиени со пиштол пред да стигне полицијата околу 22 часот. Ова е утврдено зашто соседите слушнале истрели, вели јавниот обвинител Биноски.
Полицијата била алармирана од сопругата и мајка на убиените, загрижена дека не се вратиле. Припадници на полицијата околу 22 часот се обиделе да влезат во куќата, но убиецот фрлил бомба која целосно не експлодирала.
-Полицијата ја ангажираше единицата тигри која потоа околу еден часот по полноќ влезе во куќата и ги најде трите мртви тела, вели јавниот обвинител Стевчо Биноски, пишува „Инфокомпас“.