Охрид од вечерва се до 20 август ги живее своите 40 дена возбуда што ги носи фестивалот „Охридско лето“. Со гала концерт на американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи, во придружба на орекестарот на Македонската филхармонија под диригентска палка на маестро Едвин Оутвотер вечерва на Античкиот театар беше отворено годинешното 65-то издание на најголемата и најпознатата музичко сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, која истакна дека вистинската уметност не е рамнодушна, туку длабоко хумана, не е бескрвна, туку бунтовна, не е привремена, туку безвременска…

-На бреговите на древното и се уште прекрасно езеро, под ѕвездениот свод и под Самуиловите кули, течеле тегобни и среќни времиња, се нижеле милениуми и векови, се менувале царства, ропства, окупации и ослободувања, се граделе и осветувале цркви, манастири, школи и куќи, се пишувале азбуки и книги, се сликале фрески и икони со божја помош, се пееле молитви, но и свадбарски песни, се бодрела верата, се челичел умот, се негувала љубовта, се изразувала страста…Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите… Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци, рече таа.
Во фестивалските ноќи, како што истакна Сиљановска – Давкова, кога уморното сонце ќе зажари и исчезне, а уметноста пее и игра со универзумот, кога охриѓани ќе ги прифатат славните, но и обичните новодојденци како блиски пријатели, кога градот ќе стане светска уметничка република, чии сезонски жители се жедни и желни за уметност, секој знае и чувствува дека се случува „Охридско лето” во кое учествуваат врвни културни творци и дејци.
Охрид се отвора како волшебна школка и од него излегува највредниот бисер – уметноста. Шеесет и пет години „Охридско лето” е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар. Шеесет и пет години уметноста влегува низ охридските порти и кружи низ градот. Секоја нота, секој стих и мисла, секој глас и чекор се слеваат во охридската летна симфонија. Како што древниот Охрид е вечен со своите напластени културни, духовни и цивилизациски слоеви, така и фестивалот „Охридско лето” прераснува во препознатлива традиција, никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обединување, будејќи го убавото, хуманото и културното! Охрид е еден, Охрид е Охрид! Не постои уметничко лето како охридското! Не постои фестивал како охридскиот!, рече претседателката Сиљановска – Давкова и повика да ги отвориме срцата, да и дозволиме на уметноста да не зароби и да не преобрази, да и се препуштиме на новата фестивалска идила.

Пред аудиториумот на Античкиот театар се обрати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека „Охридско лето“ не е само фестивал, туку духовен завет, жива врска меѓу минатото и иднината, меѓу сјајот на Охрид како вечна духовна престолнина и неговата модерна, европска културна виталност.
– „Охридско лето“ не е само фестивалска програма – тоа е хроника на незаборавни уметнички средби, духовен календар на едно народно живеење што секое лето блеска во својата најчиста форма…Овде музиката не одекнува само во просторот, туку и во времето. Овде уметноста не се изведува – таа се случува, се памети и се вградува во нашата колективна културна меморија, рече тој.
Љутков ја посочи улогата на уметноста, да не преобрази, да не издигне, да не извади од дневните сенки…
Оваа фестивалска година не ја одбележуваме само со бројки и големина, туку со созреаност на духот и визија за иднината. Не сме овде само за да се восхитуваме, тука сме за да ја потврдиме нашата верба дека културата е темел, а не додаток. Таа не е украс, туку јадро на нашето постоење. Уметноста е нашата најмоќна потврда дека сме народ што памети, што чувствува, што се стреми кон повисоки вредности, рече Љутков.
Во име на учесниците на Фестивалот уметничката порака ја пренесе актерот Ѓорѓи Јолевски, кој долго време и самиот беше селектор на драмската програма на „Охридско лето“.
– Да се отвори фестивал како што е „Охридско лето“ дефинитивно е чин на пркос. Во свет каде што сè се мери – едноставно, уметноста не може. Вечерва сме овде, во прекрасниот антички театар во Охрид, поради нешто што не може да се купи, ниту пак да се измери. А тоа е Присуството. Доживувањето. Смислата – макар и за миг. Дојдовме овде, покрај ова древно езеро, во градот на Свети Климент – не само да отвориме уште едно „Охридско лето“ туку да му дадеме Смисла. Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор. Не агресивен, не бучен — туку контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што мислиме дека е најважна, туку затоа што е неопходна, рече тој.
Јолевски истакна дека секој концерт, секоја претстава, секој збор на сцената — не е одраз на светот таков каков што е, туку обид да стане подобар.
-Живееме во време на војни, каде што човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, уметноста не е луксуз — таа е нужност. Нужност и апел да се потсетиме што значи да се биде Човек…„Секој чин на уметност е чин на надеж.“ Ние вечерва ја славиме токму таа надеж. Надеж дека човечното сè уште има глас. И дека тој глас, кога ќе се чуе во темницата, кај публиката не буди само аплауз, туку и совест…Улогата на уметникот не е да решава проблеми, туку правилно да ги поставува. Тоа и ќе го правиме летово во Охрид. Ќе поставуваме прашања.
Со музика, со збор, со тишина. И со надеж дека некој таму – во публиката, длабоко во себе – ќе пронајде дел од одговорот, порача Јолевски.

Повеќе од 500 уметници од дваесеттина земји од целиот свет наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, создаваат уметност на неколкуте фестивалски сцени во Охрид. Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста, а Охрид од вечерва па се до 20 август ќе биде центарот на светските уметнички дострели, обединувајќи ги музиката и театарот во трајни аудио-визуелни импресии.
Фестивалот „Охридско лето“ својата биографија почна да ја испишува во далечната 1961 година, со концертот на незаборавната Ана Липша – Тофовиќ, која на фестивалот му врежа љубов, но и вечност.
Потпирајќи се на долгата богата традиција, „Охридско“ лето без сомнение чекори кон нови предизвици достигнувајќи ги највисоките врвови во музичката и драмската уметност во светски рамки.
Фестивалот е дел од семејството на Европската Асоцијација на Фестивали уште од 1994 година, кога и официјално зачекори кон остварување на мисијата – културна Европа со заеднички врвни културни вредности.
„Охридско лето“ денес претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Република Македонија, манифестација која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин не промовира ширум светот.