Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави царина од 50 отсто за бакар, велејќи на социјалните мрежи дека таа ќе стапи во сила на 1 август и дека одлуката е донесена по проценка на националната безбедност.
-Бакарот е потребен за полупроводници, авиони, бродови, муниција, центри за податоци, литиум-јонски батерии, радарски системи, системи за ракетна одбрана, па дури и хиперсонично оружје, од кое ние градиме многу, рече Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп претходно сигнализираше дека воведува нови царини за бакар, што доведе до рекордни максимуми на фјучерсите на суровината на американските берзи.
Трамп сега рече дека добил „солидна“ проценка на националната безбедност во која се заклучува дека царините се неопходни за заштита на американското производство на стока што е клучна за голем број индустрии.
Соединетите Американски Држави зависат од увоз за речиси половина од своите потреби за рафиниран бакар. Земјите најпогодени од царината се Чиле, Канада и Мексико. Трите земји изјавија дека увозот од нив не ги загрозува интересите на САД и не треба да се оданочува. Сите три имаат договори за слободна трговија со Соединетите Американски Држави.
Високите царини имаат за цел да го поттикнат производството во Соединетите Американски Држави. Повеќе од две третини од бакарот во земјата се ископува во Аризона.