„Северно – македонскиот премиер очигледно не е возбуден од позитивниот развој на неговата земја, туку води битка од сугестии кои се неплодни. Успеавме да спречиме Европскиот парламент да биде искористен за домашна политичка пропаганда на Мицкоски.Бугарија е силна земја, Бугарија е фактор и во Европската Унија и во регионот, со што Република Македонија мора да има предвид – ние сме земја-членка на ЕУ, а Република Македонија засега е само кандидат“.
Ова го изјави бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во врска со извештајот на Европскиот парламент, од кој беа избришани „македонскиот јазик и идентитет“, и последователното обвинување од премиерот Христијан Мицкоски дека Бугарија сака да ја уништи Македонската нација, објави БГНЕС.
Во разговор за bTV, Георг Георгиев потсети дека спорот за историјата им бил оставен на историчарите кога бил потпишан Договорот за пријателство и добрососедство.
„А темите поврзани со јазикот и идентитетот треба да ѝ припаѓаат на научната заедница. Имаме заедничка историја и ова не треба да биде присвојувано од никого“, рече министерот за надворешни работи.
„Мицкоски спроведува кризен ПР, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани затоа што ги излажал. Верувам дека граѓаните на РСМ, кои го заслужуваат своето членство во ЕУ и заслужуваат лидери кои можат да ги водат кон тоа, можат да разликуваат што е реално на патот на европската интеграција, а што ги оддалечува од неа“, додаде Георгиев.
Во Европскиот паралмент вчера беше усвоен извештајот за Македонија на известувачот Томас Вајц, каде беа избришани деловите со „македонски јазик“ и „македонски идентитет“.
Мислам дека за признавање на идентитетот и јазикот на земја кандидат за членство би требало да биде природна и непробелматична работа, изјави известувачот на Европскиот парламент за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц во однос на невклучувањето на термините македонски јазик и идентитет во усвоената верзија на неговиот Извештај.
На прес-конференција по усвојувањето на Извештајот за земјава за 2023 и 2024 година од страна на ЕП, Вајц посочи дека амандманите на првичната верзија на документот за признавање на македонскиот идентитет и јазик потекнувале од четири групи во Европскиот парламент.
– Не мислам дека тие беа грешка, но во демократски процес се одлучи таа тема да не се вклучува во овој Извештај. Мислам дека тоа е демократска одлука што треба да се прифати и ја прифаќам, рече Вајц.