Шпанската глумица Пенелопе Круз воодушеви со својот елегантен изглед на „Летниот бал“ во Париз (‘Бал д’Ете’), коментираат модните познавачи.
На настанот којшто го означи отворањето на француската Недела на високата мода, а се одржа во Музејот на декоративни уметности во Париз, беше прославена и стогодишнината од првата Меѓународна изложба на декоративни уметности. Пенелопе блесна во креација на „Шанел“, пренесуваат медиумите. Имено, за оваа пригода, таа се одлучи за долг и лелеав темносин фустан од колекцијата „Висока мода за пролет/лето 2025“… Со слоеви од проѕирен тил и украсен со дискретни златни детали, фустанот оддаваше впечаток на нежност.
Асиметричниот горен дел со проѕирни слоеви додаде доза модерност. Полниот впечаток од својот изглед, глумицата го надополни со црна чанта, минималистички накит, природна шминка и подигната коса.
Недела на високата мода во Париз за сезоната есен/зима 2025 – 2026 трае до 10 јули.
По низата промотивни активности за филмот „Ферари“ каде што ја глуми Лаура Ферари, покрај Адам Драјвер, актерката накратко се повлече од медиумите. Таа, инаку, е позната по внимателното избирање на проекти со нагласка на квалитетот и личната поврзаност со улогите. Покрај нејзините филмски ангажмани, Круз во последно време може да се види во светот на модата како лице на „Шанел“ како инспирација за многу модни дизајнери. МИА