Младата талентирана пејачка ќе ја испее песната „Kad noć sretne dan“, чиј автор на музиката е Григор Копров. Нејзиниот брат, Стефан Петановски е автор на аранжманот, а текстот е на Роберт Пилепиќ, еден од најангажираните текстописци во Хрватска.
„Ова ќе биде активно работно лето за мене. Ја имам таа среќа три пати да настапувам во градови на Јадранското море, прво во Сплит, па во Тиват во дует со Дадо Топиќ, а потоа во Шибеник, на тамошниот фестивал на шансони. Летото ќе го завршам на уште еден настап покрај вода, во нашиот Охрид, на фестивалот ‘Охрид фест‘, вели Ана Петановска.
Откако стана миленичка на публиката настапувајќи на повеќето големи концерти со оркестри, Ана Петановска е сѐ повеќе активна и со авторски песни. Последно, таа пееше на концертот „Шлаг шлагери – Ко некад у 8“, кој се одржа на мостот кај Македонскиот народен театар во рамките на фестивалот Скопско лето. Дел од песните кои ги испеа е „Анушка“ од Ана Костовска, чив автор е Копров.
Сплитскиот фестивал почнува на 1 јули на плоштадот „Прокуратива“. До 4 јули, ќе се одржуваат повеќе конецрти, а еден од нив е во чест на Дино Дворник, со џез оркестар. Фестивалскиот дел започнува на 4 јули, а ќе настапат најпознатите хрватски пејачи.