Брзите кредити се решение за граѓаните кои имаат потреба од пари, а немаат можност да побараат банкарски кредит или се во временски теснец. Без бројни документи и долги административни процедури, проблемите се решаваат со посредство на финансиските друштва, кои се брзи и ефикасни. Ваквиот едноставен модел на работа минатата година на 32 фирми од оваа област им донел вкупен приход од 99,6 милиони евра, што е за 24,81 насто подобар резултат од претходната година – 79,8 милиони евра. Сепак, немаат сите ист удел во овие бројки, кај само десет од нив лани се слеале 95,7 милиони евра.
Во фокусот на оваа анализа што порталот Пари ја направи користејќи ги податоците од Бизнис Мрежа, се токму најдобрите десет друштва по приход и добивка. Крајниот исход од нивните лански активности е добивката од 20,7 милиони евра, проследена со раст од високи 78,45 насто. Во 2023 година имале заеднички профит од 11,6 милиони евра.
Најголемиот дел од друштвата ги има и во двете табели – топ 10 по приход и топ 10 по добивка. Во првата група, осум друштва се со адреса во Скопје, по едно во Битола и Тетово. Кон рангираните во втората табела се приклучува финансиско друштво од Кавадарци, за сметка на едно скопско.
ПРИХОДИ СО СКОК И ОД НАД 400 НАСТО
Гледано од приходната страна, генерално, 2024 година била добра за вклучените во оваа дејност. Од 32-те друштва, шест забележале намалување на приливите, а за едно е наведено дека е во постапка на ликвидација. Растот е во распон од најниските 7,28 насто (Денар кредити од Прилеп) до највисоките 412,97 насто.
Рекордот му припаѓа на Профи кредит НМК Скопје. Веројатно зголемениот обем на работа, што претпоставува поголема побарувачка на позајмици, го стимулирал растот од прекланските 294,5 илјади на 1,5 милиони евра лани. Во оваа конкуренција тоа е доволно за обезбедување на деветтата позиција.
На врвот пак нема промена. Како и во 2023 г., лидер според приходот е скопски Финмак, многу попознат како Тиго. Реализацијата е 22,8 милиони евра, со годишна промена за плус 14,33 насто. Исто така, ова друштво е и меѓу најпрофитабилните. Со добивката од пет милиони евра (+ 63,12 насто) го има вицешампионското место.
Двесте илјади евра е разликата меѓу прво и второрангираното друштво во однос на приходот. Станува збор за Флекс кредит, чиј раст на приливите од над 46 насто е најголем во првата половина од табелата.
Ова друштво се издвојува во секторот и со добивката. И тоа, не за првпат ‒ преклани со три милиони, а лани со седум милиони евра. Профитот на Флекс кредит за една година нараснал за одлични 129,8 насто. Побарувачката на брзи пари, пресметаните и наплатените камати, даваат резултати.
Можеби има скромно движење во приходот (+ 7,96 насто), но со зголемувањето на профитот за извонредни 305,95 насто, Иуте нема конкуренција во процентуалното достигнување. Бројките кажуваат: добивката за 2024 година е 1,98 милиони евра и е четирикратно над претходниот праг (489,9 илјади евра); приходот од 21 милион евра е трет по големина во оваа дејност.

Извор: Бизнис Мрежа
ПАД НА ДОБИВКАТА КАЈ ЕДНО ОД ДЕСЕТТЕ ДРУШТВА
М Кеш добро котира според приходот, кој лани стигнал речиси до 11 милиони евра. Сепак, тоа е единственото друштво во топ десетте што бележи намалување на добивката. Станува збор за пад од 14,57 насто (од 2,3 на 2 милиони евра).
Најниска процентуална промена во профитот се случила во Кредисимо. По поместувањето за 2,43 насто, доаѓа до сума од над 1,2 милиони евра. Со приливите од 5,2 милиони евра и тука регистрираното зголемување од 13,57 насто ја потврдува стабилната позиција што ја има на пазарот.
Битолскиот Минт СН е на средина според висината на остварениот приход во ланското работење ‒ 5,4 милиони евра, со раст од безмалку 13 насто. Компанијата е и меѓу првите десет по добивка (787 илјади евра), што заедно со годишната промена (5,24 насто) упатува на зацртана работна динамика и умерена профитабилност.
Високи проценти на зголемување бележи и добивката на Изи фајнанс. Од речиси половина милион (2023 г.), со додадените 134,29 насто лани профитот броел 1,2 милиони евра. Во текот на минатогодишното работење бил обезбеден приход од три милиони евра (+ 24,52 насто).
Двојно повеќе приход за една година направило друштвото Креди Јес, од 1,3 на 2,6 милиони евра. Или, постигнато е зголемување од 108,63 насто. Добивката од 876,7 илјади евра, не само што ја става оваа фирма на листата најпрофитабилни, туку и претставува успех по загубата (67 илјади евра) од 2023 година.
Иако има раст од 131 насто, износот од 787,5 илјади евра го лоцира Фикс кредит Тетово на десеттата позиција, а добивката (342,7 илјади евра) го рангира на осмото место. Годишната промена измерена со солидни 81,86 насто е сигнал за значително подобрување во работата.
Целат анализа може да ја видите на пари.мк