ВМРО-ДПМНЕ денеска објави детално соопштение по повод првата година од нејзиното владеење, посочувајќи серија на реализирани мерки, реформи и проекти, особено во земјоделскиот сектор.
Од партијата велат дека по „години на застој и уназадување од СДСМ и ДУИ“, сега се менува курсот на државата – со отчетност, посветена работа и борба против корупцијата.
Тие потенцираат дека земјоделството било оставено во „катастрофална состојба“ каде наследиле неисчистени канали, неисплатени субвенции за пет години, ниски откупни цени и отсуство на подрачни канцеларии.
Но, според нив, изминатата година донела пресврт каде исплатиле над 9 милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци, а откупната цена на тутунот е зголемена од 375 на 400 денари по килограм.
Истовремено, субвенциите за тутун пораснале од 80 на 100 денари, а винските сорти грозје – Вранец и Смедеревка – годинава ја достигнале највисоката откупна цена досега.
Распишале и Јавен повик за младите земјоделци преку Мерката 112, со 254 пристигнати апликации. Дополнително, склучени се 967 договори за закуп на земјоделско земјиште со површина од над 2.700 хектари.
·„Потпишавме договор со Институт за сточарство за набавка на опрема за лабораториски анализи за квалитет и безбедност на храна – 12 милиони денари, договор со ФЗНХ за набавка на опрема за лабораториски анализи – 12.000.000 денари, договор со Универзитетот во Тетово за набавка на опрема за лабораториски анализи – 12.000.000 денари, а доделена е и поддршка на 4 научно образовни институции каде вкупната поддршка изнесува 61.500.000 денари“, велат тие.
ВМРО-ДПМНЕ исто така нагласува дека се инвестира во научно-образовни институции, со вкупна поддршка од 61,5 милиони денари.
„Ја враќаме гордоста кај македонскиот земјоделец. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија,“ стои во завршницата на соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.