По позитивното гласање за нацрт извештајот за Македонија на известувачот Томас Вајц, бугарскиот европратеник Радан Канев сподели како се одвивало гласањето и неуспехот на Бугарија да вметне амандамн со кој македонскиот јазик се нарекува „ модерен“ (современ).
„Денес, во Комитетот за надворешни работи на ЕП се одржа гласање за извештајот за напредокот на Република Северна Македонија. Благодарение на напорите на сите бугарски европратеници, а особено на Андреј Ковачев и Ивајло Валчев, главните групи во ЕП поднесоа устен амандман што одговара на бугарската национална позиција за извештајот – додавајќи го зборот „модерен“ пред формулата за македонскиот јазик и идентитет. Според процедуралните правила на ЕП, ако најмалку пет члена на комитетот се спротивстават, тие можат да го блокираат гласањето за устен амандман. Па, тие станаа и се спротивставија – тројца од партијата на Орбан и уште тројца антиевропски националисти, поддржани од Орбанистите“, напиша Канев на социјалната мрежа Фејсбук.
Според бугарскиот европратеник, не се случило „ништо фатално“.
„ Европската народна партија (ЕПП) ќе го предложи истиот амандман во пленарната сала, а извештајот на ЕП не ја обврзува Бугарија на никаков начин во нејзините позиции во преговарачкиот процес. Но, барем Орбан покажа кој е – единствениот јавно изјавен противник на бугарската национална позиција во Европа. Лидер на партијата што блокира широк консензус во одбрана на бугарскиот интерес и заедничката позиција на ЕУ. Очекувам сè повеќе бугарски „патриоти“ и „националисти“, како и шефот на државата и лидерот на ГЕРБ, да продолжат да му се додворуваат и да објаснуваат каков пријател на Бугарија е…“, вели Канев.
Како што веќе објавивме, нацрт-извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, подготвен од известувачот Томас Вајц, беше одобрен претпладнето од парламентарната комисија за надворешни работи со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“.
Комисијата не дозволи устен амандман од групата на Европската народна партија (ЕПП), (од сестринските партии на ВМРО ДПМНЕ), да биде поднесен во текстот пред зборовите „македонски јазик и идентитет“ да бидат заменети со дефиницијата „модерен (современ)“. ЕПП, социјалистите и демократите, групите „Обнови ја Европа“ и „Зелените“ објавија дека ќе го поднесат истиот амандман во писмена форма пред очекуваното гласање за извештајот на пленарна седница во Стразбур во јули.