Support Kocani ја исплати првата фактура за компресивна облека во износ од 923.458,00 денари – средства целосно обезбедени преку донации.
Компресивната облека треба да пристигне во Кочани околу 16 јуни. Обезбедени се и средства за втора тура компресивна облека, за која на 16ти и 17ти јуни ќе дојдат повторно експерти од Бугарија и ќе започне процесот на земање мерки.

Од Support Kocani изразија голема благодарност до фирмите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои одобрија попуст од 19.600,00 лева и овозможија оваа помош да стигне до што повеќе повредени.
- Иако некои процеси траат подолго додека да бидат завршени, ова е доказ дека кога има волја, има и начин. Ви благодариме на сите вас – граѓани, пријатели, непознати хумани срца – покажавте што значи вистинска солидарност, велат од Support Kocani.
Владата нема да ги плати компресивните помагала
Во меѓувреме Владата потврди дека компресивните помагала ќе се финансираат преку донации. Директорот на ФЗОМ Сашо Клековски на трибината „Кочани е наш приоритет“ изјави дека смета дека државата има капацитет да се справи со последиците од трагедијата:
- Одговорно тврдам дека Македонија има капацитет да го организира понатамошниот третман и рехабилитација на пациентите од трагедијата во Кочани, вели Клековски, кој во продолжение рече дека компресивните ракавици сепак нема да бидат нарачани и платени од државата:
- Тие се прават по нарачка и земени се мерки. Тоа го финансира Сапорт Кочани, како што други работи ги финансираат други. Одговорно тврдам дека правиме максимум, додаде Клековски.

Утврдени точните бројки
Во пожарот во Пулс во раните утрински часови на 16ти март загинаа 59 лица, а 3 лица починаа подоцна од повредите настанати во пожарот. Едно лице, возач на итната медицинска помош во Кочани почина неколку часови по несреќата, откако заминал дома. Со телесни повреди се здобиле 54 лица, а со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, со што вкупната бројка на повредени изнесува 211.
Во моментот има 12 повредени на лекување во болница, од кои 7 се во странство. Двајца во Србија, двајца во Грција, двајца во Турција, еден во Словенија и пет се во земјата. Еден пациент сè уште е во тешка состојба и се наоѓа во Словенија. Од другите кои се третираат, 16 се на лекување со плазма третмани збогатени со тромбоцити и без збогатување со тромбоцити, 6 на Клиниката за пластична хирургија и 10 во „Св. Наум Охридски“. На преврски и слични третмани има 38 повредени, во болниците „8-ми Септември“, „Св. Наум Охридски“, „Аџибадем Систина“ и петмина во Кочани. На физикална терапија се 46 лица, од кои сите во Кочани, само едно лице е во „8 Септември“ бидејќи му се прават и преврски и физикална терапија.
Трагедијата во Кочани е најголема трагедија со најмногу жртви во современата македонска историја. Проценките се дека над илјада луѓе се директно допрени од трагедијата и загубиле или имаат повредено лице од најтесниот круг на семејството, а психолошка поддршка според моделот на ИПА – Меѓународната психоаналитичка асоцијација ќе им биде потребна на над 10 илјади луѓе.
К.М.