СДСМ жестоко реагира на прославата на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржа во време кога Македонија сè уште тагува по трагедијата во Кочани. Партијата ја нарече прославата „срамна и скандалозна“, посочувајќи дека додека 62 семејства жалат по загинатите деца, а над 200 млади се борат со последиците од трагедијата, ВМРО-ДПМНЕ организирала журка со пиротехнички средства и говори на омраза.
„Срамно е што на оваа прослава се аплаудираше на говор полн со омраза од премиерот Мицкоски, насочен кон семејствата на повредените и загинатите во Кочани“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Особено загрижува фактот што, според партијата, на настанот биле употребени пиротехнички средства – иако тие се забранети со закон и беа директна причина за пожарот кој доведе до големата трагедија во Кочани.
СДСМ бара итна реакција од Министерството за внатрешни работи, со јасни одговори на прашањата.
„Кој наредил и дозволил употреба на пиротехника на прославата? Кој ги набавил и дистрибуирал средствата? Зошто МВР молчи?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата потсетува дека новиот Закон за употреба на пиротехнички средства, во член 31, предвидува строги казни за нивно нелегално користење, особено во случаи што можат да предизвикаат јавна опасност.
„Или за УМС на ВМРО-ДПМНЕ не важат законите?“, прашуваат од СДСМ и повикуваат на санкции и одговорност согласно законската регулатива.