Црвениот крст ангажираше меѓународна ревизорска куќа, која ќе направи ревизија на сметката за донации за трагедијата во Кочани, што од независен пристап и аспект ќе напарви детална анализа на приливите, одливите, начините на исплата и се останато за да останеме максимално транспарентни и отчетни, изјави генерален директор на Црвен крст Саит Саити.
Целта, како што појасни Саити на трибината „Кочани е нашиот приоритет“ е Црвениот крст да остане и понатаму доверлив партнер и транспарентне со оглед на големата доверба што ја доби, посочувајќи дека 158 милиони денари се околу 2,6 милиони евра, средства што Црвениот крст никогаш досега не мобилизирал.
-Во однос на приливите, мора да кажам дека веќе се намалува интересот за донирање. Сметките на Црвениот крст се и понатака отворени, тоа што ќе го направиме е до крајот на месецот. Се надевам дека, каде и да е, наскоро, ќе можеме условно кажано да се ослободиме од овие пари. Црвениот крст веќе ангажираше меѓународна ревизорска куќа која ќе направи ревизија на таа сметака со датум од 17 март, заклучно со евентуално 15 јуни или кој ден ќе биде крајниот, изјави Саити.
Досегашните трансфери, појасни Саити биле линеарни, но сега е договорено преостанатите 49 милиони средства да се направи исплата согласно согледувањата на работната група и врз основа на реалната потреба на пациентите.
-Не сите имаат иста потреба и иста тежина на повредите и исти прогнози во однос на нивното лекување. Сакајќи тоа да го направиме чекаме да бидат финални тие резултати и врз основа на тоа Црвениот крст веднаш ќе пристапи на тоа луѓето да ги добијат и користат средствата, изјави Саити.