Во пресрет на Локалните избори, опозициската СДСМ веќе потврди тројца актуелни градоначалници за идни кандидати на изборите, а како се ближат изборите во партиските табори се калкулира со потенцијалните имиња. Некои од актуелните градоначалници најавуваат повлекување, нечии кандидатури се потврдуваат или се зборува за нив како сигурни, а за некои се’ уште чекаат што ќе кажат анкетите и членството, односно лидерите на партиите.
Еден од актуелните градоначалници, кој реши да се повлече е Анго Ангов, градоначалникот на Дојран, кој по два мандати одлучи да не влезе во трката за трет мандат. За разлика од него, пак, актуелниот градоначалник на Струмица, Коста Костадинов, вели дека има „обврска пред струмичани да се кандидира за трет мандат“ и дека
„Очекувам по завршување на сите внатрепартиски постапки, дека партијата ќе донесе одлука за моја поддршка за следен мандат“, најави Костадинов.
Од друга, страна, пак, лидерот на СДСМ, Венко Филипче во емисијата „360“ потврди кандидатура за неколку актуелни градоначалниците, но не и за Костадинов.
ММС разговараше со Ангов за неговите одлуки за повлекување од политиката, но и со Костадинов за тоа зошто по трет пат треба да биде татко на Струмица.
-Не, дефинитивно не. Сметам дека осум години за еден политичар да опстои на политичката сцена се доволни. Мислам дека треба да дојдат нови луѓе, нова енергија, која ќе се преточи во проекти. Навистина веќе и политички сум изморен на некој начин. Осум години максимално целата енергија ми беше пренасочена кон реализација на проекти, помагање на луѓето. Време е да се посветам повеќе на семејство, на најблиските, кажа Анго Ангов и додаде дека е презадоволен од она што го направил за Дојран.

-Презадоволен сум од она што го направив за Дојран овие осум години, гледајќи како било, како е сега и што се имаме реализирано. Бројките сами го кажуваат тоа. Само интересот за Дојран колку е зголемен последните години, сите луѓе што доаѓаат и инвестираат во Дојран си го покажува своето. Јас сум презадоволен од тоа што го направив. Дај Боже да дојдат подобри луѓе, кои, пак, ќе продолжат со успешна приказна. Се радувам на секој успех на Дојран, вели Ангов за ММС.
За разлика од него Костадинов ММС вели дека има уште многу проекти кои ги ветил на струмичани, кои се уште не се реализирани и дека има обврска пред граѓаните да ги реализира. А дека струмичани се задоволни од него покажуваат и анкетите, вели Костадинов, каде тој имал висок процент на доверба.
-Согласно јавното кажување на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека анкетите ќе одлучат кој ќе биде кандидат, а согласно резултатите и проектите кои ги имаме завршено, кои се во тек и допрва треба да почнат, јас имам обврска пред струмичани да бидам кандидат за градоначалник. Очекувам по завршување на сите внатрепартиски постапки, дека партијата ќе донесе одлука за моја поддршка за следен мандат, вели Костадинов.
Според него, се’ уште не знае кога ќе бидат резултатите од партијата, конкретно за него, иако веќе и официјално се знае дека СДСМ на локалните избори во Центар ќе оди со Горан Герасимовски, во Крушево со Томе Христоски и Крива Паланка со Сашко Митовски, тројца актуелни градоначалници. Костадинов се надева дека до средината на јуни резултаот ќе биде познат. Вели дека поголем дел од предвидените проекти се реализирани, многу проекти се започнати, кои треба да се завршат.
-Добар дел се проекти кои, за жал, партнерски сме ги почнале со претходната Влада, оваа свесно ги заглавува. На пример, регионалниот пат А4, Струмица-Дабиле, булеварско решение, на Владата не им се завршени уште 10 експропријации, со што не можат ниту изведувачите на ЈПДП, ниту изведувачот на Општина Струмица да влезат во работа, ниту, пак, ЕВН да ги дислоцира нисконапонските кабли кои се обврска при изградба на таков пат. Затворениот базен кој треба да го реализираме преку Министерството за спорт, проект кој го има изработено Општина Срумица и една година стои. Ништо не мрднува таму. Ние не бараме милостина, не бараме поддршка од Владата, нека не остави со нашите ресурси со кои располагаме, а ги имаме доста, да функционираме и да обезбедиме подобро секојдневие за жителите и од градот и од населените места, вели Костадинов и додава:

-Ако не знаат како им стоиме на располагање, бидејќи таа Влада е и наша Влада и сите министри ги почитуваме како свои, наши, кои треба да работат во интерес на граѓаните. Остануваат уште многу проекти, парк, социјално село, зелен пазар, нов студентски дом и многу други. За унгарскиот кредит едноставно немаме одговор од првиот повик. Сепак, тоа не се пари од Влада, туку пари од кредит, земен на грбот на граѓаните, на струмичани, за кои како граѓани досега враќаме рати и плаќаме камати ама немаме никаков фидбек. Не е тоа дека нешто ќе ни даде Влада, туку земавме кредит со проекти кои треба да ги реализираме, рече Костадинов.
И покрај ова што го кажа Костадинов, лидерот на партијата Филипче во емисијата „360“ освен што ги пофали сите градоначалници од СДСМ, ги потврди и кандидатурите на некои актуелни градоначалници, најави и дека е можна соработка со независни. Но, за Костадинов не кажа ништо.

– Кога се приближуваат избори секогаш на површина излегуваат различни амбиции, а главна улога има мислењето на членовите и анкетите. Нека завршат постапките и јавно ќе соопштиме кој ќе биде кандидат за Струмица, рече Филипче.
ВМРО ДПМНЕ имињата на кандидатите ќе ги соопшти во два циклуси, како што најави лидерот Христијан Мицкоски.
-Првиот ќе започне крајот на месецов по одржани состаноци на ИК и ЦК на партијата. Тоа што можам да го соопштам и кое ми е чест и задоволство, но и голема обврска и товар истовремено е дека нашите кандидати било каде во сите општини речиси водат најмалку 3 до 4 пати, споредено со кандидатите од опозицијата. Не само што водат нашите најдобри кандидати, туку водат и останатите двајца, тројца, четворица кои се на листите коишто се споредуваат со евентуалните кандидати, коишто ќе ги предложи опозицијата, рече Мицкоски.

Од партијата најавија дека првото потврдување на кандидатите ќе се случи деновиве на состанок на Извршниот комитет.
(В.М.)