Што всушност даде Владата за настраданите од трагедијата во Кочани? Ова прашање сè почесто се поставува во јавноста, откако поминаа повеќе од два месеци од немилиот настан, а сè уште нема конкретни информации за финансиска или материјална помош од страна на државата. Граѓаните пак сè повеќе се прашуваат дали Владата ќе преземе одговорност и ќе обезбеди вистинска поддршка за погодените семејства.
Од она што досега е познато е дека Владата на 22 март објави дека преку Црвениот крст издвоени се по 150.000 денари за настраданите. Исто така, соопштија дека обезбедиле и транспорт, сместување и логистика на семејствата на повредените кои се лекуваа во странство. По оваа првична интервенција, јавноста не слушна нови информации за конкретна парична помош. Ова беше и предмет на партиско препукување од Собранието на расправата за предложениот закон од СДСМ за помош за семјествата во Кочани, кој не беше прифатен од мнозинството од владејачката ВМРО ДПМНЕ. Во текот на оваа расправа, на прашање од опозицијата, пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Бојан Стојановски најави дуплирање на проектите за Кочани од унгарскиот кредит.
-Нашиот план за поддршка на засегнатите е следниот: Ќе ги дуплираме средствата од Владата за помош на Општина Кочани за реализација на проекти. Водиме преговори со инвеститори да отворат капацитети во Кочани или во непосредната близина. Премиерот Христијан Мицкоски најави 2 нови инвестиции и проширување на една постоечка во близина на Кочани, со 1.000 вработувања, рече Стојаноски.
ММС конкретно ја праша Владата прашања за обемот и содржината на помошта за Кочани, но и по десетина дена чекање, но од таму не добивме одговор. Од она што може да се прочита и слушне, Владата нема одговорено и на прашањата и на други медиуми.
Прашавме и во Црвениот крст, од каде ни одговорија дека:
„Досега се собрани 156.542.967,00 денари. На настраданите семејства од пожарот во Кочани вкупно се исплатени 107.449.101 денари, од кои на семејствата на починатите лица вкупно се исплатени 52.038.593 денари, на настраданите кои се лекуваа во странство вкупно се исплатени 44.163.258 денари и на настраданите кои се лекуваа во земјата вкупно се исплатени 11.247.250 денари“, рекоа од Црвениот крст и дополнија:
„Преостанатите средства по направените проценки за тежината на повредите и прогнозите за времетрање на лекувањето и потребите на повредените, направени од стручни и компетентни институции во државата, а со цел објективизација и постигнување на целите и задоволување на реалните потреби на настраданите лица, Црвениот крст навремено ќе пристапи кон распредлба на средствата“, одговорија од Црвениот крст.
Од таму додаваат и дека на сметката на фондот за солидарност на Црвениот крст донирани средства има од страна на граѓани од земјата и странство, локални самоуправи, компании од земјата и странство, институции, здруженија на граѓани, национални друштва на Црениот крст и Црвена полумесечина, поедници и други донатори.
„Заедно со нашите партнери Црвениот крст ќе продолжи да обезбедува поддршка на семејствата на повредените во процесот на нивното враќање на секојдневното живеење преку развивање на различни активности. Во соработка со Комората на психолози на Македонија, Црвениот крст континуирано продолжува да имплементира активности за едукација на учениците, наставниот и стручниот кадар за справување со стресни состојби, навремено идентификување и намалување на ранливоста предизвикана од кризни и итни состојби како и ублажување и отстранување на последици кон менталното здравје при кризни и итни состојби“, потенцираат од Црвениот крст.
Додадоа и дека дополнително прават напори да мобилизираат ресурси и да мотивираат донатори за поддршка на општествени иницијативи кои би оделе во прилог на опоравување на состојбите по катастрофата.
Повик за поголема помош за Кочани стигнува речиси секојдневно од семјествата на повредените, кои сега имаат потреба од специфични средства за лекување, што изостанува, додека општината алармира на поголема грижа за граѓаните.
Кристијан Трајчов