Институт за јавно здравје информира дека денеска за прв пат во нашата држава лабораториски се потврдени два случаи на Monkeypox – Мајмунски сипаници.
Од ЈЗУ Институт за јавно здравје, информираат дека од клиниката за кожни болести им биле упатени два пациенти суспектни за Monkeypox – Мајмунски сипаници и воедно беше упатно назначено да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.
-Институтот за јавно здравје изврши лабораториски испитувања на 3 различни начини со што лабораториски се потврдија два случаи на Monkeypox – Мајмунски
сипаници. Бидејки за прв пат во нашата држава се лабораториски потврдени Monkeypox – Мајмунски сипаници, после добиените резултати, веднаш се реагираше брзо, се превземаа соодветни мерки и се известија надлежните институции, Министерство за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективна клиника и др, се вели во соопштението.
Согласно протоколите по добиеното известување, докторот кој ги примил пациентите ги информира пациентите за добиените резултати. Потоа следи епидемиолошка анкета од страна на епидемиолози од Институтот за јавно здравје.
-Стручни лица епидемиолози од ИЈЗ се вратени на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица, како би се добиле податоци кои би биле исклучително важни за понатамошно постапување. Анкетата е се уште во тек. Ќе биде препорачано на позитивните пациенти да се јават на Инфективна клиника, информираат од ИЈЗ.
Институтот за јавно здравје ќе продолжи да ја следи состојбата и информира дека во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се превземаат сите потребни мерки.
-Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на последиците од ваквата појава и се превземаат сите превентивни мерки. Во текот на утрешниот ден ќе следат подетални информации за јавноста, посочувата од ИЈЗ.
Болеста првенствено се шири преку близок контакт со заразено лице или контаминирани материјали, а може да се пренесе и преку респираторни капки при подолг контакт лице в лице. Тие симптоми и прогресијата на болеста се клучни за дијагноза и третман, особено во неендемични региони каде свеста може да биде помала.
Треска, главоболка, болки во мускулите, болка во грбот, отечени лимфни јазли, исцрпеност се основните почетни симптоми, по што, обично се развива осип. Осипот често започнува на лицето, а потоа се шири на други делови од телото, вклучувајќи ги и гениталиите. Осипот еволуира низ неколку фази, почнувајќи како рамни лезии, потоа стануваат подигнати, исполнети со течност (везикули) и на крајот се претвораат во красти кои на крајот паѓаат. Појавата на осип може да личи на други состојби како што се варичела или сифилис.
МИА