Нема да водиме политика на овие случаи, никој нема да биде оставен сам, поддршка ќе има, ама и одговорност, нагласи пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ како одговор на најавата од СДСМ дека повторно го поднесуваат Предлог-законот за подршка на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
-Не сакаме да влеземе во сценариото на политизација на трагедијата во која СДСМ упорно сака да нѐ внесе. Нашиот план за поддршка на засегнатите е следниот: ќе ги дуплираме средствата од Владата за помош на општина Кочани и реализација на проекти, водиме преговори со инвеститори да отворат капацитети во Кочани или во непосредната близина, а премиерот Мицкоски најави две нови инвестиции и проширување на една актуелна постоечка во близина на Кочани, со 1.000 нови вработувања. Ги покриваме трошоците и лекувањето и ќе продолжиме, а здравствениот систем ќе биде посветен и мотивиран да ги помогне овие луѓе. Самиот аргумент зошто политизираат е кога ќе видите кои ликови ја соопштија веста за овој закон – Венко Филипче и Оливер Спасовски, истакна Стојаноски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека на Спасовски му се случиле трагедии како автобуските несреќи кај Ласкарци и на „Беса Транс“, Модуларната болница во Тетово, случајот Онкологија, но никој не бил уапсен и не била поднесена кривична пријава.
-Два пати беше министер и еднаш премиер, зошто тогаш не поднесуваше вакви закони? Оливер Спасовски да поднесе ваков закон е исто како Зоран Заев да поднесе закон за враќање на името. Или како Венко Филипче да поднесе закон за одговорност за модуларните клиники. Зошто Венко Филипче како министер не презема одговорност за овие скандали? Ние нема да водиме политика на овие случаи, додаде Стојаноски.
Во изјавата за медиумите тој истакна дека премиерот Христијан Мицкоски остварил средба со најголем дел од родителите на настраданите и ќе продолжи да се сретнува, а веќе постои организиран и системски пристап.