Македонското друштво „Илинден“-Тирана, го актуализира барањето албанските власти, 21 мај да се прогласи за Ден на националните малцинства во оваа земја.
- Националните малцинства во Република Албанија се национално богатство и со неговото прогласување за државен празник во Република Албанија, сметаме дека е чекор напред за да се обезбеди видливост за националните малцинства и да се препознае нивната додадена вредност за нашите општества, стои во барањето.
Се додава дека друштвото во 2022 година испратило барање до тогашната претседателка на албанскиот законодавен дом, Линдита Никола, во кое стои дека 21 мај е и Светски ден на културната различност за дијалог и развој, па поради тоа оценуваат дека тоа е најсоодветен датум.
Како што изјави за МИА, претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај, ова барање е содржано и во Резолуцијата усвоена од Федералната унија на европските националности, (ФУЕН), истата година, која е доставена до државните албански, како и меѓународните институции кои се поврзани со малцинствата.
Очекуваме, додава тој, на повтореното барање да добиеме позитивен одговор.
Со Законот за заштита на малцинствата од 2017 година, во Албанија признато е македонското со уште 8 други национални малцинства.