Истражување во Велика Британија открива дека речиси 70 отсто од младите на возраст од 16 до 21 година се чувствуваат полошо за себе по времето поминато на социјалните мрежи. Половина би поддржале „дигитален полициски час“ кој би го ограничил пристапот до одредени апликации и веб-локации по 22 часот, додека 46 отсто рекле дека повеќе би сакале да бидат млади во свет без интернет.
Една четвртина од испитаниците поминуваат четири или повеќе часа дневно на социјалните мрежи, а 42 отсто признале дека ги лажеле родителите и старателите за тоа што прават на интернет.
Додека биле онлајн, 42 отсто признале дека лажеле за својата возраст, 40 отсто дека имаат „тајна“ или алтернативна сметка, а 27 отсто рекле дека позирале како сосема друга личност.
Овие резултати доаѓаат откако британскиот секретар за дигитална технологија Питер Кајл навести дека владата размислува да воведе задолжителни временски ограничувања за одредени апликации како што се TikTok и Instagram.
Рани Говендер, менаџер за политики за безбедност на децата на интернет во NSPCC, верува дека дигиталниот полициски час, иако е корисен, не може да ги спречи децата да бидат изложени на штетна содржина без дополнителни мерки.
„Треба да бидеме јасни – само дигиталниот полициски час нема да ги заштити децата од ризиците на кои се изложени на интернет. Таа содржина сепак ќе им биде достапна во други периоди од денот и ќе го има истото влијание“, рече Говендер.
Таа додаде дека примарниот фокус на компаниите и владите треба да биде на обезбедување дека децата користат „значително побезбедни и помалку зависни платформи“.
Студијата ја спроведе Британската институција за стандарди, анкетирајќи 1.293 млади луѓе и покажа дека 27 отсто од испитаниците ја споделиле својата локација со непознати.
Во истото истражување, три четвртини од младите рекле дека поминале повеќе време на интернет поради пандемијата, додека 68 отсто рекле дека тоа негативно влијаело на нивното ментално здравје.
Енди Бароус, директор за превенција од самоубиства во Фондацијата Моли Роуз, рече: „Јасно е дека младите ги разбираат ризиците на интернет и што е уште поважно, сакаат технолошките компании да преземат чекори за да ги заштитат“.
„Алгоритмите често прикажуваат содржина што „може многу брзо да ги доведе младите луѓе во спирала од штетни и вознемирувачки материјали – без нивна вина“, истакна Бароуз, истакнувајќи дека итно се потребни закони за конечно да се воведе пристап за „безбеден дизајн“ во регулативата што ги става потребите на децата и општеството пред интересите на технолошките гиганти.
Извор: РТС