Вчерашниот двочасовен прекин на снабдување со струја во половина држава го наметна прашањето за улогата на фотоволтаиците и влијанието врз енергетскиот систем не само во Македонија туку и во целиот енергетски поврзан регион. Стимулирањето на бизнисот со обновливи извор на енергија од страна на државата, оди во друга крајност, која нема да биде така поволна за инвеститорите.
Факт е дека сè повеќе граѓани и бизниси во Македонија вложуваат во фотоволтаични централи со надеж за долгорочна исплатливост и придонес кон енергетската независност. Но, наместо стабилен поврат на инвестицијата, многумина се соочуваат со сериозни административни, правни и пазарни пречки. Од доцнење на приклучувањето на мрежата и нефункционални договори за откуп, до нејасни регулативи и нерамноправна конкуренција со големите енергетски играчи — фотоволтаичната енергија во земјава станува ризична инвестиција, и покрај потенцијалот за развој.
Прилепчанец кој работи во соларниот бизнис за ММС вели дека се настанати големи проблеми со продажбата на струја.
„Струјата не е таа цена што беше порано. Последно што е знам е дека цената е 1,4 денари откупен киловат час, што е смешна сума, порано беше 4-5 денари. Од 10 часот до 14-15 часот кога има многу големо производство на струја по напонските централи низ цела Европа, се соочуваат луѓето со тоа ако струјата ја пласираш, треба да ја платиш, да му платиш на тој на кого ја продаваш. Тоа е таа негативна тарифа. На пример во недела, многу често тарифата е негативна бидејќи денот е таков, фабриките не работат, струјата нема каде да се продава. На тој начин се тераат сопствениците да ги исклучуваат своите централи“, вели тој.
Додава и дека има пикови кога има големо производство, а нема каде да се пласира струјата.
„Кај ветерните централи има континуитет, но соларната централа, која ако сега произведува 10 мегават часови, но во еден момент се наоблачува и така паѓа производството. Во истиот момент, она што не се произведува треба да се надополни од некаде, а тоа е веќе голем залак, особено за Македонија. Едноставно се наоѓаат се’ повеќе и повеќе сопки таа работа да замре, за да има простор за големите, а обичниот граѓанин како и обично да страда“, потенцираше тој.
Според искуството на Александар Патриклиски, бизнисмен од Штип кој има фотоволтаична централа, со инсталирањето на се’ повеќе соларни централи, се појавува огромен вишок на енергија во текот на денот. Таа вишок енергија, како што вели Патраклиски, треба некаде да се складира.
„Работиме на инсталирање на батериски системи за складирање на истата и пуштање во мрежа во часовите кога е потребна, а и цената е економски исплатлива. Но, ако сакаме да ја намалиме емисијата на јаглерод диокисид CO2 и вистински да ја заштитиме планетата, ова е единствениот пат“, вели Патриклиски.
Во Македонија досега има инсталирано фотоволтаични централи со вкупен капацитет од 847,65 МW ( или со учество од 13,91 % во вкупното производство на електрична енергија) од кои 341,5 МW се инсталирани во 2024 година.
Според д-р Билјана Читкушева Димитровска од Електротехнички факултет при Универзитет “Гоце Делчев” Штип, зголемениот број на инсталирани фотоволтаични централи има значително влијание врз електроенергетскиот систем како на дистрибутивно ниво, така и на преносно ниво.
„Фотоволтаичните централи најмногу произведуваат електрична енергија во дневните часови (преку ден), што може да доведе до прекумерна енергија во мрежата во периоди кога има ниска потрошувачка на енергија. Исто така, растечката бројка на овие системи може да предизвика појава на пренапони во дистрибутивната мрежа што пак доведува до нестабилност на системот. Брзата експанзија на инсталирање на фотоволтаични централи секако дека ќе создаде низа предизвици за мрежата, што значи дека паралелно со инсталирањето на овие системи ќе биде потребно и паралелно инвестирање во нова инфраструктура (системи за складирање на вишоците на електрична енергија – батериски системи) , како и надградба на постоечката (со инсталирање на нови трансформаторски станици)“, вели Читкушева Димитровска.
Професорката додава дека граѓаните и компаниите се соочуваат со низа предизвици во однос на приклучување, исплата и продажба на електрична енергија.
„Најголеми проблеми се јавуваат во делот на приклучување на нови производители на електрична енергија како резултат на долгите административни процедури и недоволен капацитет на преносната мрежа. Заради овие проблеми, потребни се дополнителни реформи, донесување на соодветни мерки со тежински фактор, егзактно дефинирање на приоритети и поддршка за обновливите извори на енергија со цел да се овозможи одржлив и ефикасен енергетски систем“, потенцираше таа.
Важно е да се спроведе оптимално планирање на производствените капацитети од обновливи извори на енергија, дефинирање на квоти и креирање нови модели за пазарната цена на електричната енергија, изградба на балансирачки и билансирачки капацитети со цел побрз развој на енергетиката и поголема енергетска независност на нашата држава.
„Зголемувањето на учество на обновливи извори на енергија во производството на електрична енергија ќе ја намали зависноста од увоз на енергија во нашата земја, конкурентноста на пазарот ќе се подобри, ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето, а воедно ќе се зачува животната средина со намалување на штетните гасови. Затоа, клучно е да се применат соодветните мерки за поддршка на производството на обновливи извори на енергија со кои ќе се добие оптимален процент на нивно учество во севкупниот енергетски биланс“, децидна е таа.
Критики за новиот Закон за енергетика
Новиот Закон за енергетика кој беше изгласан во Собранието предизвика бурни реакции од опозициските редови, а посебно од пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, кој предупреди дека овој акт значително ќе ја ослаби улогата на државата во енергетскиот сектор и ќе донесе нови оптоварувања за најранливите категории граѓани.
Според Исмаил, најголемата опасност лежи во тоа што законот ја третира енергијата како трговска стока, а не како јавна услуга. Тој оцени дека ваквиот пристап го поткопува јавниот интерес, особено ако се земе предвид дека дел од енергетските капацитети сè уште се во државна сопственост.
„Законот овозможува дополнителна либерализација на пазарот, отворајќи го не само за странски капитал, туку и за сомнителни зделки меѓу домашната политичка елита и приватниот сектор,“ изјави Исмаил.
Тој додаде дека новата легислатива ќе ја намали социјалната функција на државата во обезбедувањето електрична енергија и други енергенси. Особена критика упати кон концептот на „енергетски граѓани“ и „активни потрошувачи“, за кој тврди дека е неостварлив за третина од населението кое се соочува со тешкотии дури и да ги плати тековните сметки за струја.
„Ова е можност само за богатите, за елитите. Обичниот граѓанин повторно ќе биде на губитничка страна“, потенцираше пратеникот од Левица.
Исмаил ја отвори и геополитичката димензија на законот, предупредувајќи дека со неговата имплементација Македонија ќе стане уште позависна од увоз на електрична енергија. Тој нагласи дека тоа не само што ја намалува енергетската безбедност, туку ќе доведе и до натамошно поскапување на струјата.
„Ветувавте поевтинување, но од доаѓањето на власт гледаме само раст на цените. Законот ќе нè натера да се потпираме на европскиот пазар, наместо да инвестираме во сопствени капацитети.“
Критики упати и кон начинот на кој се имплементираат европските директиви, посочувајќи дека земјите од Централна Европа ги спроведуваат само ако се во согласност со нивниот национален интерес, додека Македонија ги прифаќа „на слепо“, и тоа на сопствена штета.
„Ние уште не сме ги ни почнале преговорите со ЕУ, а веќе се однесуваме како да сме членки, прифаќајќи сè што ќе ни се сервира,“ изјави тој.
Исмаил оцени дека Законот нема да донесе корист за пошироката јавност, туку само ќе ги зацврсти позициите на политичката и економската елита.
„Ќе се отвори можност за профит само за оние што веќе поседуваат хидроцентрали и други енергетски капацитети, додека обичниот народ ќе го изгуби и она малку што сега го има,“ заклучи тој.
Сличниот став го дели и Дениз Мустафаоглу од Здружението на инженери кој вели дека со новиот Закон за енергетика ќе имаме уште поголема либерализација каде само се размислува како да се створи профит.
„Оној социјален момент како што е дефиниран во Уставот веќе се губи, само одредена категорија на луѓе која тие ќе ја определат, оние ќе имаат одредени бенефити кои патем се апсурдни. Последната интервенција на Министерството за енергетика беше дека ќе им даваат на тие луѓе по 1.000 денари за да плаќаат струја, а на нив им стигаат сметки од 15.000 денари. Се пријавија само 700 луѓе во група на ризик, но според наши податоци, станува збор за 200-300.000 луѓе“, објаснува Мустафаоглу.
Тој тврди дека се менува стилот на државата и истата веќе не е социјална, туку либерална.
„Ова е една џунгла каде само појаките ќе преживеат. Навидум според новиот Закон изгледа дека сите ќе можат да инвестираат во фотоволтаиците, но повторно се угодува на големите компании. Едноставно некои европски регулативи нашата држава не може да ги прифати. Сега наводно цената ќе се либерализира со тоа што се отвара пазарот кој ќе биде конкурентен, но тоа нема да се случи“, појаснува тој.
Мустафаоглу додава дека последицата од овој закон ќе биде зголемувањето на цената на струјата кое нема да биде мало.
„Со овој закон и со обврските кои се земаат, се намалува уделот на државата во субвенционирање на струјата. До 2027 година, државата има обврски да ја намалува интервенцијата на пазарот во производството, во продажната цена на струјата. Од 85 проценти во 2024, треба до 2027 година да се намали на 30. Како ќе намали процент, така ќе добие пари од Европската унија. Вкупно 47 милиони евра треба Владата да земе за енергетската реформа. Ќе ги имплементираме сите европски регулативи на наша штета“, вели Мустафаоглу.
Кристијан Трајчов