Аква парк, Панорамско тркало, спортски федерации, универзитети, болници… долг е списокот на проекти и институции градени и поддржани со донации од богатите независни регулаторни агенции како Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и нешто поскромната во донирањето, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), на која претпоследна донација и’ е на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина, чиј директор е во притвор за барање поткуп од 100.000 евра.
Државниот завод за ревизија со години укажува дека овие агенции треба да вложуваат и да ја унапредуваат дејноста за која се основани. За вишокот средства ДРЗ вели дека „е резултат на цени што граѓаните ги плаќаат на операторите, кои пак, се обврзани да плаќаат законски дефиниран надоместок“. Со други зборови, операторите кои плаќаат надоместок на АЕК, наметнуваат високи цени за граѓаните, наместо да бидат регулирани, па така, сите ние од наш џеб создаваме вишоци кои завршуваат, делумно и во донации.
И додека Европската комисија во годишните извештаи повторува една иста реченица со која се бара поголема независност на двата регулатори, АЕК во неколку наврати префрла милионски суми на Владата, како и за проекти по препорака на извршната власт, купила државни записи од 21,6 милини евра, а со донесеното законско решение, Агенцијата е должна делумно да ја финансира и работата на ОТА – Оперативно техничката агенција.
Донација за болницата која се најде во скандал со поткуп
Деновиве Обвинителството има полни раце работа со случајот со попткуп баран и даден на директорот ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи и неговиот помошник, кои од семејство на изнемоштено лице барале пари за да го сместат во болницата.
„Директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши. Од сведокот во истрагата побарал да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра“, објави ЈОРМ.
Додека истражните органи работеле на случајот, во една друга институција – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) се подготвуваше теренот да и’ се даде донација на оваа болница.
Одлуката на АВМУ потпишана од директорот Зоран Трајчевски е донесена на 11 февруари и со неа од сметката на Агенцијата се донираат еден милион денари за нов систем на сончеви колектори. Дури, за да се донираат овие средства, уште на почетокот на годината, во јануари е направен ребаланс на финансискиот план на Агенцијата (на седницата на 29.01.2025).
„Ребалансот во јануари се прави со цел да се вклопи донацијата, како и за надоместок од 3.150.000 денари за членовите на Советот на АВМУ“, објасни директорот Трајчевски на оваа седница.
Независно дали зад донацијата има нечии лични интереси или се работи за добра воља да се помогне, како што објаснуваат во одговорот од АВМУ, факт е дека случајот со поткупот и барањето на 100.000 евра во болницата каде се сместуваат најранливите пациенти, доаѓа во речиси исто време како и донацијата на АВМУ.
Давањето на донација на болница од страна на независна агенција не е против законот за донации, каде здравството е област од јавен интерес на која може да се донира, откако претходно Министерството за правда со решение ќе ја одобри донацијата. Така и одговорија од АВМУ на нашето прашање:
-Што се однесува до, според вас оправданоста на доделување донација од ваков тип од страна на регулаторот за медиуми, би сакале да потсетиме дека јавниот интерес е далеку над економскиот контекст и секој, според своите можности, треба да се вклучи во служењето на јавниот интерес, затоа што долгорочната благосостојба и здравје на општеството и неговите граѓани се далеку поважни од остварувањето комерцијален профит, стои во одговорот од АВМУ.
Но, двете независни агенции – АВМУ и АЕК – Агенцијата за електронски комуникации имаат специфична намена поради која се основани, со цел да регулираат и унапредуваат одредена област – тоа се радиодифузијата и електронските комуникации. И двете агенции со непрофитни организации, кои не треба да остваруваат вишок средства. За илустрација, АЕК во 2009, 2010 и 2011 година, АЕК остварил вишок од 14,4 милиони евра, кој го префрлал од година до година, се’ додека не добил инструкции од Владата, дека со вишокот дека треба до помогне владин проект.
Уште во 2015 година Европската комисија следејќи го пристапувањето на државата кон ЕУ забележува дека „кредибилитетот на АЕК и натаму е нарушен поради распределбата на вишокот средства за други намени кои не се поврзани со развојот на електронските комуникации“.
АЕК и АВМУ се независни регулаторни тела основани од Собранието
За подобро да ја појасниме специфичноста на овие две регулаторни тела, споделуваме неколку основни податоци за нив.
Агенцијата за електронски комуникации е независен, непрофитен и орган, регулаторно тело кое треба да поттикнува конкуренција и пристап до пазарот на електронски комуникации. Агенцијата ја раководи Комисија, своевиден Управен одбор, која ја сочинуваат 5 членови. Собранието на РСМ ги именува претседателот и другите членови на Комисијата. Со АЕК раководи директор кој е професионално вработен, кого го именува Комисијата на АЕК преку јавен оглас.
АЕК во најголем дел се финансира од средствата остварени од приходите од надоместоците кои операторите се обврзани да ги плаќаат согласно Законот за електронските комуникации. Исто така, Агенцијата може да се финансира со издавање во закуп на слободен деловен простор, заеми и друга финансиска и техничка помош.
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) е самостојно и независно непрофитно регулаторно тело, основано од Собранието, кое делумно зависи од државниот буџет. АВМУ добива 6% од законски определениот 1% за радиодифузија од државниот Буџет. Тој 1% е од реализираните приходи за изминатата година во Буџетот на РСМ, кој потоа се дели покрај на АВМУ, и на МРТВ и Национална радиодифузија.
Половина во вкупните приходи на АВМУ се од годишниот надоместок за дозволи за ТВ и радио емитување од радијата и телевизиите. Потоа од надоместокот за вршење на надзор на програмските сервиси на операторите на јавна телекомуникациска мрежа и од давателите на аудио медиумски услуги по барање (он деманд). За време на избори Агенцијата добива средства од Буџетот на РМ наменети исклучиво за активности за време на изборните процеси.
За илустрација, во 2023 година АВМУ остварил приход од 97.085.706 денари, и тоа 54.351.919 се од Буџетот на РСМ, 30.931.171 денари од надомест од дозволите од радиодифузерите и 10.626.245 денари од надзор. Пренесен е вишок средства од 54,5 милиони денари од претходната година.
И АВМУ и АЕК остваруваат вишок средства во текот на своето работење. За колкави износи на се работи, илустративен е податокот финанскиот извештај на АЕК во 2012 година, кога е пренесен вишок на приходи од минати години во износ од 696.502.315 денари или над 11 милиони евра.

Државниот завод за ревизија уште со ревизијата на АЕК во 2011 година бара вишокот на средства, Агенцијата да го уплати на приходите во Буџетот на РМ, меѓутоа, индиректно укажува на девијацијата во системот и мешањето на власта во финансиите на регулаторните тела.
„Имајќи в предвид дека АЕК има регулирана улога, се подразбира дека овој вишок е резултат на цени што граѓаните ги плаќаат на операторите, кои пак, обврзани да плаќаат законски дефиниран надоместок“, забележува ДЗР во ревизијата. Истата забелешка стои и во ревизиите за работењето на АВМУ.
Меѓутоа, наместо интервенции во дејностите во кои делуваат, кои би водел до намалување на цените за граѓаните, на остварениот вишок му се наоѓани различни намени. Илустративно е финансиското работење на АЕК, на што укажува и ДЗР во овој извештај од 2011 година. ДЗР констатира дека АЕК со остварениот вишок купувал државни записи, за што се потрошени 21,6 милиони евра.
„Оваа активност не е предвидена со финансискиот план на АЕК и ја намалил независноста утврдена со закон“, пишува во извештајот на ревизорите.
Во секој нов Извештај за напредок на државата во ЕУ во дел за медиуми и електронски комуникации, секоја година се повторува една иста реченица порака до власта:
„Треба да се обезбеди целосна независност на регулаторот за електронски комуникации“
Ревизорите нотираат, но, кој да ги слуша?
ДЗР оди наназад во финансиското работење на Агенцијата и нотира а уште подрастичен упад во финансиите на независното регулаторно тело, во времето кога има правен статус на Управа за телекомуникации.
Тогашната Управа во 2001 година вложила орочен депозит од 860.000 евра во Експорт импорт банка на бизнисменот Методи Смиленски, (кој заврши во затвор) за финансирање на компанијата “Оригинал индиго“. Оваа компанија потоа го купи штипскиот текстилен гигант „Македонка“ и пропадна. И за овој случај се водеше истрага за злоупотреба, но парите никогаш не беа вратени. Побарувањето преку банката во стечај „Експорт импорт“ се’ уште се „влече“ по деловните книги на АЕК.
Меѓу дадената помош во финансиските извештаи, АЕК ја забележува донацијата за Проект – изградба на рекреативен Аква парк со местоположба на земјиште во општина Карпош во комплекс СЦ Борис Трајковски. АЕК донираше и еден милион евра за Панорамското тркало, што е една третина од вкупната вредност на проектот.
ДЗР во следниот Ревизорски извештај за АЕК од 2020 година пишува дека во период од 2014 до 2016 година, Агенцијата за електронски комуникации со Јавното сообраќајно претпријатие Скопје – Скопје има склучено три договори за донација и анекси кон истите, за давање на доброволна и безусловна помош во пари како донација за остварување на јавен интерес, изразен и е во функција на реализација на Проектот Линиски инфраструктурен објект мост со придружни содржини/мост со панорамско тркало (Прстенот на Александар III Македонски со придружни содржини. Во неколку наврати биле префрлени 525.252.000 денари, а до јули 2020 се префрлени сите средства. ЈСП целосно не го оправдал дадените средства.
„Ако примателот (ЈСП) не ја оправда јавната донација, давателот има право да бара враќање на донацијата“, потсетуваат ревизорите.
Во 2016 година АЕК донирал пари за Велосипедската федерација на Македонија каде претседател бил Сашо Димитријоски, тогашен директор на Агенцијата за електронски комуникации.
„Овој начин на донирање остава сомнеж за конфликт на интереси затоа што човекот раководи со двете организации, АЕК и Велосипедска федерација“ е ставот на организацијата Евротинк, која низ извештаи ја следеше работата на регулаторните тела – АЕК и АВМУ.
Со измени на Законот за електронските комуникации од 19 од јули 2019 година, на богатиот АЕК му е додадено делумното финансирањето на ОТА. Со дадениот член 29-а, Агенцијата е должна дел од средствата остварени од приходите од надоместоците утврдени со наведениот закон да ги пренесе како средства наменети за финансирање на дејноста на ОТА, заради обезбедување на соодветни финансиски, човечки и технички ресурси за спроведување на нејзините надлежности и тоа: – 50% од вкупните реализирани приходи кои Агенцијата ги остварила за претходната календарска година од приходите од годишните надоместоци кои операторите ги плаќаат за надзор на пазарот, утврдени во годишниот извештај за работа на Агенцијата за претходната календарска година, усвоен од Комисијата на Агенцијата и – 10% од вкупните реализирани приходи кои Агенцијата ги остварила за претходната календарска година од приходите од годишните надоместоци за користење на радиофреквенции од страна на имателите на одобренија за користење на радиофреквенции, утврдени во годишниот извештај за работа на Агенцијата за претходната календарска година, усвоен од Комисијата на Агенцијата.
Последните години, таа обврска кон ОТА, АЕК ја чини по над еден милион евра секоја година.
Од стенографските белешки на неколку собраниски седници, каде се разгледувале извештаите за работењето на АЕК, се гледа противењето со аргументи на повеќе пратеници, кои се спротивставуваат на силната партиска рака врз регулаторните тела. Јани Макрадули, како пратеник бил известувач за АЕК, реагира на скапите услуги за СМС пораките, за кои вели дека се најскапи во Европа.
Од дистанца од неколку години, Макрадули не го сменил мислењето.
-Наместо вистински регулатори, тие се однесуваат како собирачи на давачки, а распределбата на вишокот средства, одат во намена која не е сродна со нивната основна функционалност. Затоа, многу е важно да се изменат законите и строго дефинираат правилата за намената на вишокот средства што го остваруваат регулаторните тела. Која е логиката, а и законската можност, вишокот пари да се дава за области кои немаат, ама никаква врска со електронските комуникации. Убеден сум, дека, ако вишокот средства се дадеше во процесот на дигитализација, денес ќе зборувавме за огромен број на двонасочни услуги за граѓаните, изјави Макрадули.
Екс-пратеникот смета дека донациите имаат свој механизам на реализација и точно може да се утврди дали се почитувани сите чекори од една страна, но и несуштинските донации спротивни на природата на надлежностите на регулаторното тело, од друга страна. Макрадули вели дека може и од односот на регулаторите зависи дали операторите ќе ги намалат цените за граѓаните.
-Едно регулаторно тело, во суштина, треба добро да го испланира потребниот буџет и да ги утврди висините на надоместоците за лиценци и дозволи, со цел да прибере токму онолку средства колку што се потребни за негово непречено функционирање. Кога регулаторните тела, побаруваат многу средства од операторите, тогаш и операторите ретко се одлучуваат да ги намалат цените за своите услуги, смета Јани Макрадули.
Кои се примателите на донации?
На интернет страната на АЕК може да се прочита дека Агенцијата обезбедува донации за „различни проекти кои промовираат развој на електронските комуникации и јавниот интерес. Некои од проектите вклучуваат активности за дигитализација, едукација во телекомуникациите и поддршка на иновации“. Но, дали е така во практика, на пример со донациите за Универзитетот Скопје, каде не работи ниту еден технички факултет. Според профилот на Универзитетот „постојат пет факултети на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје: Факултет за туризам, Економски факултет, Факултет за претприемачки бизнис, Факултет за менаџмент на човечки ресурси, Факултет за меѓународен маркетинг менаџмент“.
На прашањето зошто се повторуваат донациите за Универзитетот Скопје, од АЕК одговорија дека „целта е да се поттикне и олесни школувањето на идни кадри од областа на ИКТ“.
Всушност Универзитетот Скопје е еден од петте универзитети на кои последните години редовно се донира. Тоа се Универзитетот на Југоисточна Европа, УКИМ, Меѓународниот балкански универзитет и Американ колеџ.
Во писмените одговори од АЕК објаснуваат дека „во минатото се доделувале донации и на други универзитети кои обезбедуваат програми за наобразба од областа информациско комуникациските технологии (ИКТ)“. За донации во 2024 година, се издвоени 1,29 проценти од вкупните приходи на Агенцијата.
Ги анализиравме последните пет години
АЕК во 2020 година: Издвоени 126 милиони денари за донации.
Од тоа, три различни донации за Меѓународниот балкански универзитет, кој добил три милиони денари, за ФЕИТ се издвоени 1,8 милиони, Универзитетот на Југоисточна Европа – 830.250 денари и за Американ колеџот. Најголемата донација е на Владата, каде се донирани 77 милиони денари и 20 милиони за ОТА. Во годината со Ковид кризата, АЕК бил донатор на два спортски клуба, за што одвоил близу 16 милиони денари –за РК Металург (13,9 милиони денари) и МЗТ кошаркарски клуб (2 милиони).
Состојба на сметка на 31.12.2020 година: 234.384.000 денари.
АЕК во 2021 година:
На Владата Агенцијата донирала 31 милиони денари, за ОТА 25 милиони. Шест универзитети добиле донации од АЕК: Универзитетот „Мајка Тереза“, Универзитет на Југоисточна Европа, Меѓународниот Славјански универзитет од Свети Николе, Универзитет Американ колеџ, Свети Кирил и Методиј, Меѓународен балкански универзитет. Донации се дадени на неколку граѓански организации и Црвениот Крст, како и на ИПА – меѓународното полициско здружение.
Вишок на средства од 240 милиони денари ,додека остварила вкупни приходи од 601 милион денари.
АЕК во 2022 година: Издвоила 42,7 милиони денари за 18 донации.
Најмногу средства се одвоени за Владата – 31.732.835 денари.
Донирано е на шест универзитети: ФОН, УКИМ, Државниот тетовски универзитет, Еуро колеџ, Американ колеџ, Универзитет на Југоисточна Европа. Обезбедени се средства за Биатлон федерацијата, Весписти, Веспа клуб, за три државни клиники: Урологија, Трауматологија и Неврологија, како и за Здружението на правници (300.000), во време кога претседателот на Комисијата на АЕК, Стевица Јосифовски е претседател на ова здружение. Остатокот е на две основни училишта, на две здруженија и на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации. За ОТА се издвоени 71,7 милиони денари.
АЕК во 2023 година: Вкупни донации од 6 милиони денари.
Од тоа 1,2 милиони се донирани на Универзитетот Скопје, Меѓународен балкански универзитет (700.000), на три основни и две средни училишта во Скопје. За ОТА издвоени 75.470.900 денари.
АЕК во 2024 година: Донирани 7.980.000 денари.
Остварени се приходи од 614.902.517 денари, од кои обезбедени се донации на пет универзитети, на кои донира со години и на три основни училишта.
Донации се дадени на Универзитетот Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа, УКИМ, Меѓународниот балкански универзитет и на Институтот на Европскиот универзитет. За ОТА се издвоени 77 милиони денари.
За плати во АЕК во 2024 година се издвоени 3,9 милиони евра за 140 вработени и пет членови на Комисијата.
*Истражувањето продолжува
Весна Коловска