На Меѓународниот аеродром Валона, (VLO), денеска беше реализиран првиот сертификациски лет, со што и официјално е ставен во функција овој аеродром, кој, како што оценуваат надлежните, ќе биде порта кон Јужна Албанија и порта за развој на туризмот.
По слетувањето на авионот, на церемонијата на која присуствуваше премиерот Еди Рама, вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, нагласи дека „меѓународниот аеродром во Валона е најважната инвестиција поврзана со националната гордост и ветување дадено од владата предводена од Еди Рама“.
- Ова е историски момент за Валона, но и за Косово, бидејќи станува збор за вложувања на косовскиот претприемач Беџет Пацоли. Кога го започнавме овој проект, зборувавме за инвестиција од околу 104 милиони евра. Денеска зборуваме за инвестиција од 140 милиони евра. Пистата е сертифицирана денеска и чекор по чекор ќе се продолжат сите процедури за да биде подготвен овој аеродром во текот на летото, да биде оперативен со сите услуги, рече Балуку.
Според неа аеродромот ќе работи со 3 бизнис модели: цивилна авијација, одржување на авиони и целосен карго терминал. Се протега на 22 илјади квадратни метри и е со најдолга авио писта на Балканот од 3,2 километри.
Во своето обраќање, Рама оцени дека проектот за изградба на овој аеродром е доста предизвикувачки поради тешкотиите на теренот.
- Сакам да им се заблагодарам на оние кои веруваа во овој проект и работеа на него, кој воопшто не беше лесен и беше исклучително предизвикувачки. Доволно е да се погледне малку подалеку за да се види како целиот аеродром е подигнат два метра над земјата, бидејќи земјата е 2 метри под нивото на морето, и каква извонредна работа е извршена во целиот невидлив дел за да се гарантира солидна платформа од највисоката меѓународна категорија, рече меѓу другото Рама.
Пацоли, чија компанија „Мабетекс“ е дел од конзорциумот за изградба на аеродромот изјави ќе биде многу функционален, дело какво што не е видено во регионот, изразувајќи при тоа задоволство дека тука „ќе бидат вработени повеќе од 1.000 работници, на престижни позиции кои се добро платени“.