Том Круз често го нарекуваат „последната голема филмска ѕвезда“ и „човекот што ја спаси филмската индустрија“ за време на пандемијата на коронавирусот, но според неговиот колега и пријател Кенет Брана, Круз сè уште е „потценет“ како уметник.
Придонесот на Американецот во филмското творештво во Велика Британија ќе биде признат и со стипендија на Британскиот филмски институт – највисокото признание на БФИ, како глумец и продуцент кој ѝ донел милиони фунти во оваа европка земја со филмови снимени тука изминативе 40 години – од фантастиката „Легенда“, акциониот „Топ ган“ и трилерот „Очи широко затворени“ до последните блокбастери од серијалот „Невозможна мисија“, пишува „Дедлајн“ (Deadline).
Британскиот глумец, режисер и продуцент, Кенет Брана, кој глумеше со Круз во филмот „Валкири“ од 2008 година, говореше за својот американски колега за лондонскиот весник „Тајмс“.
– Ако некогаш се замори да го воодушевува светот со акција, ќе ги изненади оние што го гледаат само како филмска ѕвезда. Она што тој го направи со ’Мисијата’ и ’Топ ган’ е уникатно – забавно, но со сериозна намера да ви даде кинематографско искуство. Сепак, тој е потценет глумец – и врвот на неговиот занает го повикува, изјави Брана.
Британскиот филмаџија зборуваше и за тоа каков е Круз со обожавателите.
– Тој ќе најде тивок агол (во некој паб, на пр.), ќе ужива во атмосферата и секогаш е пријателски расположен кога е забележан. Тој е природно весел и едноставно ужива во она што го прави, а тоа е заразно, додаде Брана.
По соопштувањето на наградата од БФИ во март, Круз изјави: – Навистина сум почестен. Снимам филмови во Велика Британија повеќе од 40 години и немам намера да застанам.
Стипендијата на БФИ ќе му биде доделена на Том Круз на вечерата организирана од Институтот во Лондон, не следниот туку наредниот понеделник, на 12 мај.